Пишува: Стојанче ГЕРОВСКИ
(авторот е адвокат и магистер по меѓународна политика)

Програмските определби на една партија се клучни за нивно опстојување на власта.

Тоа произлегува од политичкиот плурализам, кој подразбира дека власта припаѓа на граѓаните. Граѓаните ја даваат власта, граѓаните и ја одземаат власта.

Промените на името на државата воопшто не беа дел од програмските определби на СДСМ.

Ниту во програмските определби од програмата 2016 – 2020, ниту од програмата 2020 – 2024 не е завземен став за потпишување договори за промена на името на Република Македонија.

Ниту една владеачка структура го нема легитимното право да промени име на сопствена држава без тоа да го посочи во својата програма со која настапува пред граѓаните и со која ја бара довербата од граѓаните, а за кое прашање би ја добила довербата од граѓаните.

Токму спротивното, оваа владеачка структура, предводена од СДСМ, иако не го споменува прашањето за промена на името на Република Македонија во својата Програма од 2016 – 2020, истата се повикува на референдумско изјаснување на граѓаните за можните решенија за надминување на спорот со Грција.

И покрај тоа што не го споменува прашањето за промена на името, а за кое има обврска, оваа владеачка структура, распиша референдум, со референдумско прашање за согласност на граѓаните за промена на името на државата.

За распишување на референдум, законодавецот предвидел посебен Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Излезноста на граѓаните на овој референдум не беше постигната согласно ставот на уставотворецот и законодавецот во овој дел, со што референдуммот беше неуспешен. Со самото тоа владеачката структура не ја доби поддршката за промена на името на државата и истото го направи самоволно.

Самоволното постапување, посебно на вакви крупни прашања како што е промена на име на сопствената држава, не само што повлекува соодветна одговорност, но истовремено претставува момент за целосно губење на кредибилитетот како политичар кој нема повеќе никаква политичка вредност да ја предводи државата.

Впрочем, позната е Макијавелистичката размисла – „Оној кој сака да предвиди што ќе се случи во иднината, треба да види што веќе се случило во минатото, бидејки сите човекови настани, сегашни или идни, имаат свој идентичен пандан во минатото…“.

Во блиското минато токму таков беше настанот со целосното губење на политичката кариера на страна на британскиот премиер Тони Блер, кој во 2002 година влезе во војна со Ирак без за тоа да добие одобрение од сопствениот народ. Токму јавното мислење во В. Британија беше на став дека влегувањето во една таква војна, премиерот требаше да го оствари на начин што претходно требаше да поднесе оставка на позицијата и да го распушти Кабинетот, па во повторното барање за доверба од масите, меѓу другото, да го постави и коалицирањето со САД и отпочнувањето на воздушни напади врз Ирак заради објаснети и оправдани причини.

Во суштина, како и Извештајот кој во најситни детали го расветлува тогашното однесување на Тони Блер, така и најголемиот дел од јавното мислење, завршуваат со став – „ова е човек кој водеше погрешна војна, од погрешни причини, со погрешен план“.

Прашањето на македонската Влада секако не се однесуваше за влегување во војна, но по својата суштина и тежина – идентично.

Целокупното делување на оваа Влада, без никаква почит кон сопствените граѓани, без никаква одговорност за сите неостварени проекти, без никаква одговорност за сите спроведени проекти спротивно на целите на граѓаните, без никаква одговорност за неспроведени должни проекти кои сами по себе предизвикаа и предизвикуваат исклучиво страдања кај сопствениот народ, со предизвикување и на смртни последици, може да резултира исклучиво со поединечни оставки на министри, поединечни оставки на директори и раководни лица, а потоа и оставка на целата Влада.

Заради тоа ќе завршам со продолжение на истата размисла:

„… Ова е затоа што овие настани се предизвикани од луѓе чии наклоности остануваат исти во сите времиња и природно, поттикнуваат исти ефекти“.

На тој начин, ефектите предизвикани од страна на народот, а изразени преку паролата „Нема правда нема мир“, која парола ја донесе оваа гарнитура на власт, сега е многу поизразита од кога и да било претходно, па имајки ги во вид „наклоностите кои остануваат исти во сите времиња и природно, поттикнуваат исти ефекти“, истата парола е на повидок и токму сега.