Пратениците ќе добиваат понизок износ на патни трошоци, со измените на Законот за пратеници, што денеска беа изгласани во Собранието со 76 гласа „за“ и еден „воздржан“.
Со законските измени наместо досега утврдените до 30 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи, пратениците ќе добиваат надомест до 20 проценти по изминат километар од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи.
Согласно измените на Законот, на пратениците им се овозможува и надомест за закупнина на стан во Скопје. Конкретно, на пратениците кои живеат подалеку од 100 километри од Собранието, им се остава и можноста за закуп на стан, со право на надомест за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.