Претседателот на Венецуела Николас Мадуро порача дека ќе продолжи да ја води земјата и дека тоа е негова обврска, во согласност со Уставот, како и тоа дека е подготвен да го даде и својот живот за одбрана на земјата.

Тој на приврзаниците во Каракас им рече дека неговиот живот е „целосно посветен на одбрана на татковината“, пренесе ТАСС.

– За тоа сум подготвен да го дадам и животот, порача Мадуро.

Мадуро во четвртокот нареди да се затворат границите со Бразил, а вчера привремено затворање и на три мостови кои ја поврзуваат Венецуела и Колумбија, за да го спречи обидот на опозицијата да ја достави хуманитарната помош преку тие две земји.

Ситуацијата на границата со Колумбија е драматична бидејќи во пограничните градови избија насилни судири додека опозициски активисти се обидуваат да ја достават хуманитарната помош, јавуваат медиумите.

Најмалку две лица загинале, а 18 се повредени во судирите на војската и локалното население на југоистокот на Венецуела, недалеку од границата со Бразил, јави АП.