Ако некогаш сте размислувале да пробате жива храна, тогаш секое време, па така и ова, е вистинското време за тоа. Но, претходно треба да бидете запознаени со основните препреки на кои може да наидете. Заговорници за овој тип исхрана се се повеќе низ светот, но има и многу разочарани, кои многу брзо се откажуваат. Развојниот пат на еден неискусен конзумент на жива храна главно изгледа вака: после првобитното воодушевување, вратеното здравје, изгубените килограми, зголемената животна енергија, многу често се случува период на стагнација, се јавуваат проблеми со варењето на храната, што предизвикува разочарување и нервоза, неухранетост и неретко болест. Па, следува прашањето. Ако е живата храна толку здрава и природна, зошто толку луѓе имаат проблем да се придржуваат?
Бидејќи грешат во начинот на сфаќање на живата храна, бидејќи грешат во начинот на конзумирање.
Доколку јадете жива храна не треба да се откажете од ништо!
Тоа е основното. Грешките се случуваат кога јадете само овошје со недели или пиете само зелени кашести сокови или јадете само јаткасти плодови. Организмот бара да внесете се. И масти и јагленихидрати и протеини. Само со правилно комбинирање, што е клучот на секоја исхрана, ќе ги почувствувате придобивките од живата храна.
Мојот предлог, што се докажа како успешна формула, за едно дневно мени, е следниот.
Наутро, уште на гладно срце, напијте се сок од зелен зејлест зеленчук-смуди, што ќе го опишам понатаму, кога ќе ви зборувам за смуди, супи и сокови. Потоа кога ќе почувствувате глад изедете некоја комбинација од ’ртена житарка со овошје или млеко од јаткасти плодови. За ручек може супа или салата. Попладневната ужинка е секоаш резервирана за порција свежо овошје, а навечер каснете некакви крекери или лепче од семки или ’ртени житарки со некаков намаз. Пред спиење напијте се една чаша чај. Овде никаде нема десерт, од едноставна причина. Живите десерти може да ги јадете кога и да посакате, колку и да посакате. Кога и да почувствувате потреба за благо, каснете.
Уште еднаш ќе повторам. Најважно е да не го силувате организмот. Задоволувајте го на секоја основа. Тој самиот ќе ви покаже како и што му е најубаво да јаде.
Мојата цел не е да ве конвертирам!
Јас не сум тука за да проповедам и да ве натерам да се откажете од вашето секојдневие и да почнете да јадете само жива храна. Ниту јас не сум постојано 100% на оваа храна, но потполно верувам во тоа дека храната го менува животот. Мојот главен фокус е да ви раскажам за оваа храна која не алкализира и која го јакне телото.
Мојата надеж е дека можете да направите нешто доколку на располагање имате информации, рецепти и план за еден оброк и дека ваквиот начин на исхрана полека ќе станува, што е можно повеќе, дел од вашиот живот, а сум убедена дека ако си го дозволите тоа, промената што ќе ја почувствувате ќе ве направи посреќни.
Почитувам дека сте единствени и имате посебни потреби. Целта на овие колумни ќе биде поттикнување што повеќе да размислувате што јадете, повеќе да читате за храната и што повеќе сами да ја подготвувате.