Бугарија е на 91 место во светот по просечниот животен век на нејзините граѓани,а последната во рамки на Европската унија. Од нејзините соседи, полошо стои само нашата земја која во истата класификација се наоѓа на 93 место.

Листата е направена врз основа на калкулатор изработен од Би Би Си. Во него се ползуваат податоци за заболувањата во 198 држави во светот, а врз основа на проучувања на Институтот за здравствена статистика на САД кој ги набљудува овие состојби во целиот свет.

Калкулаторот можете да го најдете на интернет адресата http://www.bbc.co.uk/news/health-44107940 и дава можност на секој да провери колку години би живеел ако ги внесе податоците за земјата во која живее, возраста и полот.

Калкулаторот пресметува и колку од времето кое ви останува да го поминете на овој свет, ќе имате добро здравје.

Според калкулаторот, бугарските девојчиња кои сега имаат една година можат да се надеваат дека ќе достигнат возраст од 79 години, а момчињата 72 година. Оттука се добива и просекот. Наспроти тоа, Македонија има просечен животен век од 75 години и тоа ја става на 93-та позиција на оваа листа, две места зад Бугарија. Зад нас е само Косово, а тука некаде е и БиХ. Сите други земји на Балканот имаат население кое може да се надева дека ќе живее подолго од Македоницте.

Како што заклучува бугарскиот Блиц, иако причините за рана смрт постојано се намалуваат, главните виновници за тоа останува да се бараат во мозочните и срцевите удари и заболувања и во високиот притисок. На столбот на срамот како фактори кои влијаат за овие болести се алкохолот, пушењето и лошата храна.

Наспроти ова, Германија, која поради добрата економија е на мета на имигрантите, се наоѓа на 28-то место на листата. Денес Германките живеат просечно 83 години, а Германците 78. Со тоа Германија е зад многу други земји од ЕУ, пред се се мисли на државите од Западна Европа. Тоа што изннадува е што иако во сите овие земји драстично е намален бројот на пушачи и постојано се водат кампањи против тоа, бројот на заболени од рак на белите дробови во последните 25 години е зголемен за 9,8 отсто.

Изненадува позицијата на САД на 48 место. Таму, девојчињата можат да очекуваат дека ќе достигнат 82 години, а момчињата 77 години.

Иако на листата во првите 20 земји доминираат државите од Западна Европа, првите две места ги држат Јапонија и Сингапур. На трето место е Швајцарија, следат Шпанија и Андора. Австралија е на шесто место, а по нејзе доаѓаат Франција, Италија, Исланд и Израел.

На дното на листата, од последните 20 држави, 18 се од Африка. Децата родени во Лесото и Централноафриканската република можат да се надеваат дека ќе достигнат возраст од 50 години.

Во некои држави, разликата во просечниот животен век меѓу мажите и жените е 11 години. Такви се Русија, Белорусија и Литва. Објаснувањето за тоа се бара во алкохолизмот кај мажите во овие земји и во лошите услови за работа. Посебно е драматично во Русија која е на 136 место на листата, а каде жените живеат по околу 77 години, но мажите ќе достигнат само до 66 години. Во 2000 година мажите можеа да очекуваат дека ќе живеат само 60 години, така што некаков напредок има, но и самиот руски претседател Путин признава дека тој е многу мал.

Проучувањата на американскиот институт покажува дека во светот во однос на 1990 година просечниот животен век се продолжил за седум години.

Најголем скок има во Африка, во некои земји јужно од Сахара. На пример, просечниот животен век во Етиопија е зголемен за 19 години и сега таму луѓето можат да се надеваат дека ќе дочекаат возраст од 66 години.

Што се однесува до Балканот, како што рековме Македонија е на 93 место, Романија со 76 години просечен животен век е на 83 место иако е само една година подобра од нас, а најдобро стои Турција со просечен животен век од 80 години што и го носи 38-то место.