Државниот секретар во германското МВР, Штефан Мајер, говореше за Дојче Веле за деталите на новиот закон за доселување во Германија и како да се постапува кога на сила ќе стапи новиот закон, а се уште ќе биде на сила таканареченото правило за Западен Балкан.
Како што изјави, најзначајно е доселување на стручна работна сила, односно квалификувани работници од земјите кои не се членки на ЕУ. Додаде дека со овој закон прв пат се воведува единствен поим стручњаци односно квалификувани работници.
-Во иднина веќе нема да се применува правило според кое при вработување предност ќе имаат државјани на Германија или некоја друга земја од ЕУ. Исто така се укинува и листата на дефицитарни занимања така што сите групи на вработени се третираат на ист начин. Важно ни е добро познавање на германскиот јазик: во некои области доволно е да се знае основи на јазикот, за вработување е потребно ниво Б1, а за место во образованието Б2, , изјави Мајер.
Условите за доаѓање во Германија ќе се проверуваат пред планираното доаѓање и тоа ќе се врши преку дипломатските претставништва. Во Германија ќе имаат можност и да се доквалификуваат заинтересираните граѓани.
Според Мајер на некој начин граѓаните од Западен Балкан се привилегирани.
-Кој ги исполнува условите за доселување според двете правила може да избере кое е поповолно за него. Треба да се напомене дека низ мерката за вработување на граѓани од Западен Балкан во Германија пристигнале многу полуквалификувани и неквалификувани главно постари работници. Тоа буди страв дека Германија би можела да се соочи со дополнително оптоварување поврзано со пензијата на овие работници, додава Мајер.
Според законот доселениците постари од 45 години мора да докажат дека доволно уплаќале во пензиското осигурување. Тоа е една можност, а втора е дека на новото работно место во Германија заработуваат најмалку 3600 евра бруто.