Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео на своето предавање пред Конфедерацијата на работодавачи и индустријалци во Бугарија, изјави дека е сигурен дека земјата треба да игра клучна улога во енергетската безбедност на Југоисточна Европа, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Помпео, Бугарија има улога да биде многу важен партнер во обновата на Украина. А кога ова, според него, ќе се заврши, тоа ќе биде заслуга и на Бугарија.

Според поранешниот американски државен секретар, Бугарија треба да стане клучен енергетски центар во Југоисточна Европа.

Помпео беше категоричен дека сите мора да и се спротивстават на Русија и да продолжат да ја градат Украина.

– Путин покажа дека неговата воена моќ не е толку голема како енергијата. Прашањето за енергетиката е клучно и за Бугарија. Зависноста од енергетиката важи и за Бугарија, бидејќи според студиите и бизнисот изградбата на цевководи се работи што му се потребни на целиот свет, изјави Помпео.

Тој ги пофали напорите на бугарските власти што не попуштија пред притисокот на Москва гасот да го плати во рубљи кога рускиот претседател Владимир Путин им нареди на неговите картели да го прекинат снабдувањето со Бугарија.

– Одговорот за енергетската независност на Бугарија не е во странство, туку преку потенцијалот за екстракција на гас од шкрилци во земјата, рече Помпео.

Според него, фракинг технологиите за екстракција на гас од шкрилци се многу почисти од рускиот природен гас. САД ќе и помогнат на Бугарија, додаде поранешниот американски државен секретар.

Најдобрите американски компании ќе дојдат да помогнат и да ја научат Бугарија да ги развива овие ресурси.