Секој ден е потсетник дека го нема, празнината е голема, болката и тагата остануваат со нас до крајот, рече денеска мајката на еден од десетте прилепски бранители кои пред 17 години загинаа во заседата кај Карпалак.
Денеска со положување цвеќе пред споменикот во прилепската касарна „Мирче Ацев“ започнаа чествувањата по повод 17 години од загинувањето на 10-те бранители од Прилеп во месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово кога на 8 август 2001 година во заседа беше нападнат конвојот на АРМ. Пред споменикот во касарната се поклонија членовите на семејствата на загинатите, соборците, претставници на АРМ, на локалната самоуправа, на здруженија, партии и граѓани.
Оддавајќи им почит на загинатите бранители-воени резервисти од прилепската касарна, потполковник Славчо Кузманоски, заменик-командант на гарнизонот, рече дека кога недобронамерниците посегнаа по ова парче земја, прилепчани застанаа во одбрана на интегритетот и суверенитетот на Република Македонија. Никогаш нема да се заборават, ќе потсетуваат на родољубието и на тоа никогаш да не се повтори.
– Нашите војници Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата, како лојални и чесни граѓани, ја исполнија својата света должност положувајќи ги своите животи на браникот на татковината. Тагата и болката остануваат особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица. Ние не потклекнуваме. Трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и на страниците на историјата, која на поколенијата ќе им ги пренесува сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа, на мирниот сон на нашите најмлади и на достоинствените вредности на човекот. Нека ваквите чествувања не обединат и сплотат, без разлика на припадноста по која било основа. Останува обврската, наша, и на идните поколенија и генерации споменот да го чуваме, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година и да не дозволиме да се повтори, истакна потполковник Кузманоски.
Присутните на чествувањето ја посетија спомен-собата во касарната на Петтата прилепска народноослободителна бригада каде се и спомените на загинатите бранители. Мајката на загинатиот Пецо Секулоски вели дека тагата останува вечно.
– Секој ден е потсетник дека го нема, празнината е голема, болката и тагата остануваат со нас до крајот. Само велам – никогаш ова повеќе да не се случи, вели Секулоска.
Возачот на изгорениот автобус во кој беа прилепските бранители, Ацо Јованоски-Реган по којзнае кој пат го повторува најбитното, како што вели, барање.
– Барањата секогаш се многу. Но, најбитно е да се подигне споменик на месноста Карпалак. Тоа се уште не е направено, рече Јованоски.
Свежи цвеќиња вечерва беа положени на споменикот во прилепското село Лениште, а во манастирот „Света Петка“ во селото се одржа вечерна богослужба.
Утре изутрина, најблиските на загинатите бранители и делегации ќе ги посетат нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места, а делегации ќе заминат на чествување во месноста Карпалак кај Скопје.
Централното чествување е утре од 13 часот во центарот на Прилеп, пред споменикот Карпалак.