Со барање за укинување на одлуката на 23 септември да се вратат на работа, мајките на деца до шестгодишна возраст и оние кои се на породилно отсуство, попладнево излегоа на протест пред Владата.

Околу 150 родители кои беа присутни на денешниот протест преку транспаренти запрашаа:

-Дали вашите деца ќе ги пуштите во градинка?

– Вашите деца се поважни од нашите?

-За нашите деца ги спремавте монтажните болници?

-Комисијата за заразни болести не ви е валидна?

Една од мајките не можеше да ги задржи солзите:

„Ние не сме неработници, ние сме мајки кои се грижат за сопствените деца. Ние имаме кариери, сакаме да се вратиме на работа. Но, сакаме децата да ни бидат безбедни“, порача таа.

Бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годината, а според нив во градинките нема место и воопшто не можат да ги запишат нивните деца. Петицијата ја потпишале 3.325 мајки.

Според владината одлука, од 14 септември, сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, треба да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември.

Од Владата соопштија дека со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата.