Мајките на деца до шестгодишна возраст за денеска најавија протест поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места.
Имено, согласно владината одлука мајките треба да се вратат на работа на 23 септември. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место.
Министерот за здравство Венко Филипче смета дека тие треба да се вратат на работните места, и оти веројатно ќе живееме со вирусот и цела следна 2021 година.
– Ние ќе живееме со вирусот веројатно и цела следна 2021 година. Мора да се научиме да ги почитуваме превентивните мерки, протоколите коишто ги има за апсолутно сите економски оператори, угостителски објекти, компании, фабрики, училишта, градинки итн. Едноставно тоа ќе биде нашиот живот, рече Филипче.
Министерот за здравство се осврна и на отворањето на училиштата, за учениците од прво до трето одделение, заради тоа што, како што вели, и тоа е потенцијален ризик фактор гледајќи ги искуствата од други земји.
– Оние земји кои нагло ги отворија училиштата и сите деца беа во училиште и беа приморани делумно или целосно да ги затворат. Проценувајќи како ќе се одвива епидемијата во септември, ние дозволуваме да се отворат училиштата на почетокот на октомври, но само деца со физичко присуство од прво до трето одделение. Понатаму, ако остане се стабилно и мирно, од ноември/декември и други одделенија ќе може да се враќаат со физичко присуство. А до тогаш да следат онлајн настава, потенцираше министерот Филипче.
Министерот за здравство изјави дека единствен начин да се заштитиме себеси, најблиските околу нас и кругот на луѓето, на работното место е преку почитување на превентивните мерки.
-Секојдневно имаме нови сознанија за вирусот, нешто ново се открива од анализите, студиите. Меѓутоа принципите за превенција се истите. Да се носи маска, да се одржува дистанца и често да се дезинфицираат и мијат рацете. Навистина е поразително што огромен број на граѓани тоа не го почитуваат. Секојдневно гледаме и големи собири, места каде што луѓето не носат маска, не одржуваат дистанца. Мораме да сме свесни дека го штитиме и нашето здравје, меѓутоа и здравјето на навистина ранливите групи на грѓани, кои што се насекаде околу нас, рече Филипче.
Во моментов се активни 1870 на заболени лица со Ковид-19, од почетокот на епидемијата досега беа дијагностицирани 16088, оздравеа 13550, а починаа 668 лица.
Во изминатото деноноќие беа регистрирани уште 163 новозаболени, седум починати и 1132 оздравени од Ковид-19.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 74 пациенти. На кислородна поддршка се 43 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се три деца и три мајки позитивни на Ковид-19, а исто толку мајки и деца се суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 34 пациент. На респираторна машина се тројца пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 17, а во болницата во Штип 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 161, позитивни и сомнителни на Ковид-19.