Следните три недели ќе го одредат исходот од војната во Украина, смета поранешниот заменик помошник секретар за одбрана за Европа и НАТО, Мајкл Рајан, а ставот го образложи утринава за „Скај Њуз“.
Според него, додека Русите ја преоценија својата цел во војната за да се фокусираат на источниот дел од Украина, нивниот главен проблем е дали ќе можат да реконструираат доволно борбена моќ за да се соочат со многу искусните украински сили на исток.
– Доколку ние на Западот ја зголемиме потребата од итност во снабдување на Украинците, доведена до нивото на Берлинскиот воздушен мост, Украинците навистина може да излезат од ова со победа, додаде Рајан.
Говорејќи за неодамнешното назначување на генералот Александар Дворников од страна на Русија, Рајан појасни дека тој верува, оти новиот командант ќе им се врати на класичните руски тактики, вклучувајќи масивни воздушни и артилериски напади.
– Тоа ќе бидат тешки услови за нив, бидејќи, едноставно, не проценуваме дека имаат енергија за да можат да спроведат таков вид кампања. Ќе предизвика голема бруталност, како што предвиде претседателот Зеленски. Ќе изгледа како Втората светска војна, како што напомена украинскиот министер за надворешни работи, подвлече Рајан.
Но, на крајот, Русите ќе претрпат уште повеќе жртви со овој пристап, тврди Рајан.