Тројца македонски планинари, Лазо Миновски, Никола Нешкоски и Иља Деревјев станаа првите Македонци кои со велосипед се искачија на покривот на Африка, на највисоката планина на овој континент, Килиманџаро.

Планинарите го направија овој подвиг утрово во Танзанија, кога се искачија на врвот Ухуро, висок 5.895 метри. Заедно со нив беа и останатите планинари од експедицијата, Ирина Дишовска, Кирил Начков и Филип Христов, кои пешачејќи се искачија на Килиманџаро.

Миновски, Нешкоски и Деревјев ја започнале својата авантура на 14 февруари од градот Аруша, кој се наоѓа на надморска височина од 1.400 метри. Откако вчера стигнале и преспале на височина од 4.700 метри, тие на полноќ по локално време тргнале кон Ухуру, до каде што им требале пет и пол часа возење и пешачење.