Граѓаните се заинтересирани за услугите на финансиските друштва, познати како брзи кредити.
Земаат просечно меѓу 200 и 400 евра кредит, а во минатата година седум отсто од кредитоспособното население во земјава било опслужено од овие финансиски друштва. Од година во година секторот расте, а за поголема сигурност за потрошувачите дел од овие друштва што работат во земјава формираа Асоцијација на финансиски друштва.
-Целта е да работиме заедно во обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата и да изградиме контруктивен дијалог со законодавците и надзорните органи, рече денеска претседателот на Асоцијата, Филип Димитровски, кој е извршен директор на друштвото „Тиго“.
Тој соопшти дека секторот на небанкарски финаниски услуги се развива брзо во целиот свет и дека ваков тренд има и во земјата на што укажуваат и бројките на издадени кредити од 4,6 милиони во 2016 година, 17,5 милиони евра во 2017 година и за 2018 очекуваат двојно зголемување во однос на 2017 година.
Најчести корисници на услугите на овие друштва се физичките лица, а Димитров посочува дека тие покриваат седум отсто од кредитоспособното население, односно тоа се група потрошувачи кои не се услужени во традиционалниот банкарски сектор.
-Нудиме брза, квалитетна и транспарентна услуга, истакнува Димитров, додавајќи дека нема загрижувачки процентот на неможноста за наплата на кредитите.
Вели имаат механизми за проверка на клиентите и дека во случај на не враќање на средствата може да ангажираат надворешна компанија и на крајот со извршител.
Посочија дека за разлика од банкарскиот сектор имаат поголеми трошоци, и дека секторот работи со загуба.
Во земјава првото финансиско друштво почнува да работи во 2011 година. Во моментов се активни 24 друштва, а во асоцијацијата на почеток се вклучени седум друштва, кои денеска потпишаа и Кодекс за добра праса со цел да обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата. Знакот за сигурност е „Одговорен кредитор“, што ќе биде поставен на видно место во друштвото.
Димитров ги повика да се вклучат во асоцијацијата и останатите друштва и да се приклучат кон кодексот.