За 24 часа во земјава починаа 11 луѓе од вирусот КОВИД-19, што е најголем и првпат двоцифрен број од почетокот на епидемијата пред четири месеци. Нови потврдени од вчера има уште 185 од 1364 тестирања, а повеќе од половина (96) се во Скопје. Бројот на дијагностицирани достигна 5.005.
Меѓу заразените се и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и мајката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Позитивни на КОВИД-19 со полесна и средна клиничка слика, возрасни и деца, од денеска ќе се примаат и во Детската болница Козле.
Од 11-те починати, осумммина биле пациенти во ГОБ „8 Септември“ на возраст од 53 до 76 години. Три лица починаа во болниците во Куманово, Штип и Тетово, на 78, 63 и 62 години. Со овие последни жртви на вирусот од вчерашниот билтен на Министерството за здравство, вкупниот број на починати во земјава достигна 233.
По Скопје како најголемо жариште, најмногу нови позитивни има во Струга (20), Дебар (18), Тетово (14), осум во Ресен, седум во Охрид, четворица во Штип, тројца во Кичево, по двајца новодијагностицирани во Куманово, Велес, Битола, Кавадарци, Гостивар и Свети Николе и по еден нов случај во Прилеп, Крива Паланка и Пробиштип.
Во вчерашниот билтен се регистрирани и 41 оздравен, од кои најмногу (29) во Скопје. Активни случаи во земјава се 2.868 од кои 1.653 се во Скопје. Трицифрени бројки на активни случаи има во Тетово (316), Куманово (229) и Штип (207). Во Штип се направени и 77 скрининг-тестови во градинките, но нема позитивни.
Меѓу скопските општини, Чаир е сè уште на врвот на листата со најголем број активни случаи (363), а следуваат Гази Баба со 148, Бутел (133), Аеродром (129), Центар (126), Сарај (125) и Карпош со 115 активни.
Покрај на Инфективната клиника и болницата „8 Септември“ која функционира како КОВИД-центар, за прием на пациенти инфицирани со вирусот од денеска ќе функционира и Детската болница Козле.
Министерството за здравство вчера соопшти дека од денеска оваа болница ќе прима возрасни пациенти со КОВИД-19 и дека на располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од вирусот. Предвидено е да се хоспитализираат пациенти со полесна и средна клиничка слика.
Сомнителни и заболени пациенти со коронавирус се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, а се подготвува и КОВИД-центар во Кавадарци.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вчера на Фејсбук соопшти дека е позитивен на КОВИД-19 и дека има добра клиничка слика, со благо покачена телесна температура и без потреба од хоспитализорање. Наведе дека не успеал да се заштити од вирусот и покрај сите мерки што ги презел и дека искрено се надева оти не го пренел никому.
– Ова е доказ дека вирусот не смее да се потцени и дека мора секој од нас да внимава. Чувајте се и чувајте ги другите околу вас, напиша Шилегов на Фејсбук.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информираше дека неговата мајка е позитивна на вирусот КОВИД-19 и е во домашни услови, но дека не се гледал со неа подолг период зашто е изложен на ризик од секојдневни средби и разговори со граѓани.
– Ете, и кај нас во семејството, за жал, ја почувствувавме директно оваа пандемија и се надевам дека побргу ќе помине, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Тој, како и неговата партија во соопштенија вчера ја обвинија власта предводена од СДСМ за неспособност да се справи со последиците од епидемијата, укажувајќи на секојдневните трицифрени бројки на новозаразени и за здравствен систем „на колена“.
– ВМРО-ДПМНЕ е одговорна партија и ги почитуваме протоколите. Од друга страна, СДСМ и власта на Заев се тие кои не направија ништо епидемијата со корона вирусот да се запре. Тие се власт и освен броење црни биланси и статистика, ништо конкретно не презедоа во насока на заштита на здравјето и животот на граѓаните, соопшти опозициската партија.
Во реакција на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ одговори дека грижата на нивниот лидер Мицкоски за здравјето на граѓаните е наводна, а дека тој со сите постапки директно го загрозува јавното здравје.
– Организира партиски собири спротивно на сите протоколи за заштита на здравјето и со тоа директно придонесува за ширење на коронавирусот. Не само што не помогнаа во овој исклучително тежок период, туку со своите постапки и однесување директно го загрозија здравјето на десетици граѓани, реагираше владејачјата СДСМ.
И додека КОВИД-19 кај нас станува тема за партиски препукувања во изборна кампања која официјално не е сè уште почната, пандемијата во светот и натаму не стивнува и за 24 часа има нови 200.000 заболени и осум илјади починати.
Според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“, вкупниот број на заразени вчера надмина 8,6 милиони, а на починати се искачи на повеќе од 458 илјади.
САД имаат најмногу заразени и смртни случаи – над 2,2 милиони инфицирани и околу 119 илјади починати. На второ место е Бразил, каде што бројот на заразени надмина еден милион (1.038.568), а починаа 49.090 луѓе. Следува Русија со околу 568 илјади заразени со КОВИД-19, Индија со повеќе од 380.000 и Велика Британија со нешто повеќе од 303 илјади инфицирани. Во однос на смртните случаи, пак, зад САД и Бразил се Велика Британија со 42.546 смртни случаи, Италија со 34.561, Франција со 29.620 и Шпанија со 28.315 жртви на вирусот.