Премиерот Зоран Заев се уште ја поднесува оставката веќе цела недела, коалициониот партнер Али Ахмети и ДУИ растревожени поради тоа што првпат по две децении ќе бидат во опозиција, а опозицијата е окрупнета со ново парламентарно мнозинство и подготвува нова Влада и нови парламентарни избори.
Заев сé уште на ја достави оставката од функцијата премиер до Собранието, што ја најави на 31 октомври по завршувањето на вториот круг од локалните избори.
ВМРО-ДПМНЕ, кое во петокот вечерта објави дека има ново парламентарно мнозинство, вчера доби поддршка и од коалицијата „За обнова на Македонија“. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, до понеделник ќе се чека Заев да ја достави оставката до Собранието, а ако тоа не се случи, ќе почне, како што рече, постапката за иницијатива за оставка на Владата.
За денеска е најавен состанок на Генералниот совет на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Тетово. Партискиот лидер Али Ахмети, по објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека има ново парламентарно мнозинство, преку својот фејсбук профил порача дека нема да се постапува ниту со емоција, ниту со еуфорија.
-Ја преземам одговорноста врз себе за лошите резултати од овие избори, рече Заев кога соопшти дека поднесува оставка и од позицијата премиер и од претседателската функција на СДСМ, но напомена дека останува дел од партијата.
Согласно статутарните одредби на СДСМ, со оставката на Заев во оставка е и целото партиско раководство.
Оставката, пак, на премиерот повлекува оставка на целата Влада што треба да биде констатирана од Собранието, но тој останува да ја врши должноста до изборот на нов владин состав.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вчера на средбата со коалициските партнери повтори дека во наредниот период ќе се обиде да формира влада, но доколку постои сигурност дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет. Во спротивно, според него, единствено правилно решение се брзи предвремени парламентарни избори.