Откако на Илинден избувнаа првите шумски пожари во Македонија, денеска се уште се активни пожарите во скопско, прилепско, струмичко и штипско.
Под контрола се ставени три пожари, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според известувањето од ПС Сарај што ЦУК го добило во 6:30 часот, дел од пожарот во село Раовиќ – село Буковиќ е локализиран во текот на вчерашниот ден, но на потегот село Букович – село Чајлане кон Матка се уште е активен.
Активен е пожарот и во атарите на селата Ракле – Никодин – Топлица. Гори кракот од село Ракле – село Крстец и се проширува кон местото викано Фаришки Лозја. Пожарот е активен на тешко достапен терен. На терен, како што посочуваат од ЦУК, се уште нема испратено екипи.
Пожарот кај село Безгаштео, беровско, кој е симнат над село Нивичино е се уште активен, а екипите на ТППЕ Струмица синоќа се вратени во 24:00 часот. Од ЦУК велат дека се работи за непристапен терен на кој не можат да интервенираат.
– ШС-Берово известува дека пожарот кој избувнал во текот на вчерашниот ден околу 16:30 часот, на место викано „Безгаштево“ по привични сознанија тврдат дека е на територијата на општина Струмица. Во 07:00 часот ,од ШС Берово една екипа е упатена кон местото на пожарот. Повеќе информации ќе се добијат во текот на денот, информираат од ЦУК.
Во Демир Капија – Неготино, пожарот во атарот на село Барово во текот на вчерашниот ден е ставен под контрола. До заминување на екипите од теренот во внатрешноста на опожареното подрачје постоеле некои места каде се забележувало задимување. Утрово на опожареното подрачје ќе се упатат шест вработени од ШС Демир Капија.
Пожарот кај село Горно Мелничани општина Центар Жупа е ставен под контрола. Екипите од ТППЕ-Дебар и од шумското стопанство и денеска ќе го контролираат теренот кој беше зафатен од пожарот.
За пожарот кај село Црвена Вода, ЦУК добиле известување дека е под контрола.