Словенија е лидер меѓу земјите од поранешна Југославија со 1.477,34 евра просечна нето плата, додека Македонија е на дното со просечна нето плата од 643 евра. На второ место е Хрватска (1.239 евра), на трето е Црна Гора со 819 евра, а со две евра помалку е Србија која е на четврто место со просечна нето плата од 817,7 евра. Просечната плата во Босна и Херцеговина е 679 евра.

Просечната плата (бруто) пресметана за јануари 2024 година во Србија е 132.372 динари, додека просечната плата без даноци и придонеси (нето) е 95.836 динари (817,7 евра според просечниот девизен курс на НБС на 25 март 2024 година), соопшти Републичкиот статистички институт.

Просечната бруто плата во Словенија за јануари 2024 година изнесува 2.317,82 евра. Пониска е од платата за претходниот месец – номинално за 1,3 отсто, а реалната за 0,7 отсто. Просечната нето плата е 1.477,34 евра и номинално е пониска од платата за декември 2023 година за 3,4 отсто, а реално за 2,8 отсто.

Просечната месечна нето-плата во Хрватска во јануари 2024 година изнесува 1.239 евра, номинално зголемување за четири отсто и реално за 4,4 отсто од декември 2023 година.

Во Црна Гора просечната бруто плата во јануари годинава е 1.024 евра, додека нето платата во просек изнесувала 819 евра.

Во Босна и Херцеговина во јануари нето платата изнесувала 1.328 конвертибилни марки (679 евра) и е номинално повисока за 2,4 отсто, а реална за 2,2 отсто во однос на претходниот месец. Реално просечната нето плата е за 2,2 отсто повисока од декември минатата година.

Просечната месечна нето-плата исплатена на вработен во Република Македонија во јануари 2024 година изнесува 39.542 денари (643 евра), што е за 16,5 отсто повеќе отколку во јануари 2023 година, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика. Зголемувањето е последица на зголемувањето на просечната месечна нето плата во секторите: јавна администрација, одбрана, задолжително социјално осигурување – 27,8 отсто, водовод, канализација, управување со отпад и санација – 19,2 отсто и земјоделство, шумарство и рибарско стопанство – 19,1 отсто.