Откако на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледа транспорт на тенкови, порталот 360 Степени се обратил до Министерството за одбрана од каде, според одговорот, потврдуваат дека станува збор за донација што Македонија ѝ ја дава на Украина
Од Министерството за одбрана (МО), за порталот, велат дека станува збор за трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа, а дополнително за нивно уништување во земјава ќе се потрошат пари што, како што велат, е нецелисходна активност за нашата Армија
Од МО посочиле дека согласно владините одлуки, во неколку наврати, била донирана воена опрема на Украина и дека тоа било во координација со сојузниците, при што повторуваат дека Македонија како членка на НАТО го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, како и дека остро ја осудува руската агресија.
Според одговорот што го добивме, пишува порталот, последната донација, од чиј транспорт се појавија видеоснимките на социјалните мрежи, се состои од тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата (на Македонија) за кој е планирано да биде расформиран. Од МО велат дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа“.
Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
– Би сакале да посочиме дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на РС Македонија во наредниот период ќе се изврши трансформација односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата, а реализацијата на овие планови веќе е во тек. Исто така, согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 г. наведено е дека нема да се инвестираат дополнителни средства во модернизација и опремување во тенковски капацитети. Имајќи ја предвид ваквата фактичка состојба, како и побарувањата од страна на Министерството за одбрана на Украина, Владата донесе одлука да ѝ донира на Украина одредена количина од овие капацитети кои им се неопходни за нивни потреби, велат од МО за порталот 360 степени.
Неофицијално станува збор за тенковите Т-55 кои од Бугарија беа донирани во Македонија, за да се ослободи од застареното оружје, и за кое кривично беше осуден (за набавква на резервни делови) бившиот македонски премиер и бивш специјален посредник на Зоран Заев за Бугарија, Владо Бучковски. Информацијата не е потврдена, но со оглед дека АРМ не располага со друга генерација на тенкови, најверојатно станува збор за наведените.
Целиот текст може да го прочитате во 360 Степени.
Видео од транспортот на тенковите од Македонија ТУКА.