Педесет проценти од граѓаните изјавиле дека би се вакцинирале, додека 34 отсто од испитаниците одговориле дека не би се вакцинирале, од друга страна 16 отсто од граѓаните сè уште се двоумат, покажуваат резултатите од анкетата, која ја спроведе Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во рамки на Програмата за парламентарна поддршка.
Прашањата за вакцините се дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Најголем дел од граѓаните, според анкетата, вкупно 39 отсто ја преферираат вакцината на Фајзер, додека втора по ред е вакцината Спутник В со 21 отсто. Малку преферирани се вакцините Синофарм, која ја преферираат 6 отсто од граѓаните, потоа е Модерна, која ја преферираат 5 проценти од граѓаните, додека најмалку преферирана вакцина е Астра Зенека, за која се определиле само 3 отсто од граѓаните. Дваесет и седум проценти од граѓаните не знаат или немаат одгвор за тоа која вакцина ја преферираат.
Дел од генералните заклучоци во анкетата, на страна од актуелната ситуација со Ковид – 19, а во однос на работата на Собранието, беа дека граѓаните бараат веб-страната на Собранието да биде поинтерактивна и да имаат можност да комуницираат со пратениците. Сметаат дека информациите од медиумите им се доволни и истите најмногу ги восприемаат преку телевизија. Од пратениците повеќе сакаат јавни лични средби.
Перцепцијата на граѓаните, според анкетата, е дека извршната власт има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата, како што е предвидено според Уставот. Дури 74 отсто од испитаниците се согласуваат со изјавата дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии.
Во однос на довербата на граѓаните во институциите, анкетата вели дека претседателот на државата ужива највисока доверба меѓу граѓаните, споредено со Владата, Собранието и Судството. Средната оцена за работа на Собранието останува иста како и изминатата година и изнесува 2,6.
Проектот, финансиран од Швајцарска амбасада, се спроведува од страна на Националниот демократски институт, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Центарот за управување со промени. Целосните резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Македонија можете да ги погледнете на овој линк.