Малата фудбалска Македонија како да се специјализира за победи против големите евроспки и светски фудбалски велесили. Откако лани дома ја победи Германија, синоќа тоа го доживеа и Италија на нивни терен во Палермо, каде што беше победена од репрезентацијата на Македонија.
Македонските фудбалери ја одушевија македонската публика на стадионот во Палермо, во Македонија и секаде каде што ги има Македонците низ светот.
Синоќа до доцна во ноќта во Скопје и во другите градови во Македонија се прославуваше победата против Италија, актуелен европски првак и поранешен светски шампион.
Ви пренесуваме дел од атмосферата и изјави по вчерашниот успех на македонските фудбалери:
Македонските фудбалери вечерва се враќаат во Скопје
Македонската фудбалска репрезентација вечер се враќа во Скопје, ден по сензационалниот триумф над актуелниот европски првак Италија (1-0) во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство.
Предвидено е македонската фудбалска експедиција со чартер-лет од Палермо да пристигне на скопскиот аеродром околу 18 часот.
Селекторот Благоја Милевски ќе ги искористи деновите од викендот за мини подготовки за финалето против Португалија, кое ќе се игра во вторник од 20:45 часот на стадионот „Драгао“ во Порто, а победникот ќе обезбеди настап на Мундијалот од 21 ноември до 18 декември во Катар.
Македонката репрезентација на дуелот против Португалија ќе биде посилна за Елјиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои го пропуштија вчерашното полуфинале во Палермо поради жолти картони.
Италија доживеа историски пораз од македонските фудбалери
Македонската фудбалска репрезентација со синоќешниот триумф (1-0) во Палермо и го нанесе на Италија првиот пораз на домашен терен во квалификациите за Светско првенство.
Ефектот на Италија до дуелот со Македонија беше 48 победи, 11 нерешени и ниту еден пораз во 59 мундијалски квалификации пред своите гледачи.
Италија беше една од само трите репрезентации која досега немаше пораз во квалификациите за Светско првенство, покрај Шпанија (51-10-0) и Бразил (49-12-0).
Воедно, Италија стана само четвртиот актуелен европски првак, кој не обезбедил пласман на следниот Мундијал, по Грција (2004/06), Данска (1992/94) и Чехословачка (1976/78).
Македонските фудбалери приредија сензација синоќа во Палермо и со голот на Александар Трајковски во 92 минута обезбедија пласман во финалето на мундијалскиот бараж во кое противник во вторник ќе им биде Португалија во Порто.
Милевски: Италија ја победивме во италијански стил
Македонскиот селектор Благоја Милевски не го криеше задоволството по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0), истакнувајќи на прес-конференцијата по натпреварот во Палермо дека е горд на своите играчи.
– Победивме во италијански стил против Италијанците, со гол од два обиди. Многу сум среќен поради оваа победа и горд на овие играчи, изјави Милевски, кој ја однесе македонската репрезентација во финалето од мундијалскиот бараж во кое во вторник на гостински терен противник ќе биде Португалија.
– (Елиф) Елмас се враќа за финалето и ќе ни биде од голема помош. Многу сум среќен поради Трајковски за голот. Знаевме дека Италија е голем тим со многу шампиони, но игравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на играчите да се забавуваат и тие го направија токму тоа, додаде Милевски.
Газета: Трајковски ни приреди катастрофа, збогум Мундијал
Италијанските медиуми не можат да го преболат поразот од македонската фудбалска селекција, која вечерва во Палермо го совлада актуелниот европски шампион со 1:0 и се избори за финале во плејофот за пласман на Светското првенство.
– Збогум Мундијал, збогум Евро, збогум сè. Опсада цел натпревар која се покажа бескорисна, а во 47. минута од вториот дел, кога сите сега чекаат продолженија, по уште еден натпревар во кој веќе не знаеме да победиме, топка до Трајковски, екс фудбалерот на Палермо, и неверојатен удар од над дваесет метри. Совладан Донарума, а Италија на колена. Катастрофа. Италија – Македонија 0-1. Авантурата заврши, Италија ја нема, играта на Манчини веќе не постои, а можеби ќе се спасат Бастони, Верати, малку Флоренци и Распадори. Останатите не. Имобиле и Инсиње, лош Манчини, лош Барела, Жоргињо многу далеку од тоа што беше. Заслужуваме да останеме надвор од Светското првенство. Македонија оди во разигрување со Португалија. Се вративме во апокалипсата. За жал, малку, но не е доволно, пишува „Газета“.
Во финалето „црвено-жолтите“ ќе играат против Португалија исто така на гостински терен.
Манчини: Премногу е рано да зборувам за мојата иднина
Селекторот на Италија, Роберто Манчини, по вечерашниот пораз од македонската фудбалска репрезентација (0:1) го спореди неуспехот околу пласманот на Светското првенство со освојувањето на УЕФА ЕУРО 2020.
– Тоа беше најубавото искуство во мојот живот, ова беше најголемото разочарување. Прерано е да се зборува за иднината. Не можеме да кажеме ништо, тоа е фудбалот, понекогаш се случуваат неверојатни работи и тоа се случи. Морам да кажам, сега повеќе се грижам за моите момци отколку во јули. Ова е толку тежок момент, мојата наклонетост кон нив е огромна. Премногу е рано да се каже што ќе се случи понатаму, бидејќи има такво разочарување, но во исто време ова е тим од одлични играчи со светла иднина, изјави Манчини.
Италија го освои Европското првенство минатата година, но сепак не успеа да се квалификува на Светско првенство втор пат по ред.
Победата на македонските фудбалери се слави на плоштадот во Скопје
Илјадници љубители на фудбалот синоќа на плоштадот „Македонија“ во македонската метропола ја славеа големата победа над Италија остварена вечерва во Палермо со 1:0.
Македонските фудбалери во полуфионалето на баражот за Светското првенство приредија сензација со триумфот над европскиот првак и тоа на негов терен.
Победничкиот гол на Александар Трајковски предизвика овации насекаде низ државата, а по завршувањето на мечот колона возила со вклучени сирени се упатија кон ценатрот на Скопје каде владее победничката атмосфера со песни и факели.