Издавачката куќа „Македоника литера“ најави објавување серија од пет книги за деца и млади од Шен Шиси, најпродаваниот кинески писател за деца и еден од најпродаваните современи писатели за деца во светот.

Оваа серија ја објавува во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг,  со кој веќе заедно објавија и 13 тома од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.

-Делата на Шен Шиси  само во Кина се продадени во повеќе од 60 милиони примероци. Серијата ги содржи неговите најпознати новели, кои повеќето се наградувани и филмувани. Во своите дела тој пишува за животните, а неговите искрени, реалистични и трогателни приказни се подеднакво популарни и кај возрасните читатели, соопшти „Македоника литера“.

Шен Шиси (1952) во кинеската литература е познат како „кралот на приказните за животни“. Пишува за хуманите односи меѓу животните и луѓето и за хармоничната врска меѓу човекот и природата. Тој е повеќекратен добитник на највисоките награди за литература за деца во Кина. Негови дела се преведени на повеќе јазици.

Пред неколку месеци „Македоника литера“ објави две дела на Шиси – романот  „Мајката чакал Скарфејс“ и книгата раскази „Лисицата трговец“.