Политичката сцена во Македонија наликува на онаа од пред пет години кога доаѓаа политички актерти од ЕУ и пошироко и не убедуваа дека треба да се смени името на државата поради Грција за да влеземе во НАТО и ЕУ. Разликата е само во тоа што многу од тогашните актери сега се во политичка пензија, а нови доаѓаат и не убедуваат дека пак треба да направиме уставни измени поради Бугарија за да ги продолжиме евроинтеграциите.
Денес Македонија има име со придавка, а ги нема Ангела Меркел, Тереза Меј и многу од тогашните влијателни политички актери, еврокомесари и други гости на македонската политичка сцена…
Уставните измени се внатрешно прашање, но ако Македонија не ги прифати и не продолжи да оди по европскиот пат, се соочува со опасноста да биде изолирана. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Ова вчера во Скопје го порача европската тројка министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка – Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, подвлекувајќи дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и дека колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо земјата ќе стигне до ЕУ, додека предвремени избори би биле контрапродуктивни.
Посетата, нагласија, била информативна и во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а состаноците со целиот политички спектар во земјава ги оценија како успешни. Со сите со кои се сретнале, како што рекоа, покажале дека се проевропски и свесни за одговорноста дека ова е посебен момент во развојот на патот кон ЕУ.
Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг рече дека решението нема да дојде од Брисел, Виена, Прага или Братислава, туку може да дојде само од Северна Македонија.
-Политички треба да се биде одговорен и пред се да се имаат предвид националните интереси. Моментот е сега и ве уверуваме дека не се мешаме во внатрешните работи на земјата. Нашата порака е едноставна и силна – тоа е порака на охрабрување, нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да почнете со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на С. Македонија. Би било штета Скопје, откако истрча еден тежок маратон да се сопне на следната пречка. Долг пат изминавме заедно и надминаме многу тешкотиии, рече Шаленберг.
Според него, сега е време кога треба стратешки да се размислува. – Ова е и порака за нашите пријатели од Бугарија. Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки, порача австрискиот министер за надворешни работи.
Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, посочи дека руската агресија врз Украина ја промени динамиката на процесот на проширување на ЕУ и земјава има голема можност да ја искористи оваа зголемена динамика, дури и оваа година под услов да ги усвои дополнувањата на уставот во однос на бугарското малцинство.
– Свесни сме за чувствителноста на ова прашање, и навистина јасни ни се ставовите и на опозицијата и на позицијата. Ги слушнавме нивните коментари и грижи, меѓутоа убедени сме дека никојпат нема да има поповолна ситуација и поповолна состојба за интеграција на С. Македонија во ЕУ отколку што е сега моментот, изјави Липавски.
Колку побрзо се донесат овие амандмани, според Липавски, толку побрзо Македонија ќе стигне до ЕУ.
– На нашиот пат ќе направиме се што можеме да спречиме дополнителни барања во однос на отворените билатерални прашања, изјави Липавски, и ги повика сите пратеници во Собранието да ја надминат партиската политика и да размислуваат за европската иднина на државата и за придобивките за граѓаните.
Министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Мирослав Влаховски, посочи дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус.
– С. Македонија има единствена можност, ова да го покаже сега и треба да го искористи овој момент. Дефинитивно не треба да се пропушти, особено бидејќи нема друга алтернатива за да се напредува понатаму во однос на интеграцијата на ЕУ, истакна Влаховски.
Во текот на состаноците, Влаховски рече дека нагласиле дека предвремените избори се контрапродуктивни.
– Ги истакнавме овие моменти поврзани со внатрешната политика и дека ако се закажат рани избори тоа би било многу контрапродуктивно и дека сите лидери треба да постигнат консензус по однос на овие прашања, изјави Влаховски.
Тројцата министри вчера во Скопје имаа средби со сите политички чинители во земјава.
На средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски биле разменети мислења за текот на билатералниот скрининг, како и за потребата од измени на Уставот што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, информира Кабинетот на Претседателот.
Тројцата министри остварија посета и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека од страна на раководството на партијата било кажано дека уставни измени под диктат нема да бидат поддржани и дека државата итно треба да се фокусира на завршување на вистински реформи на системот кои ќе значат вистинска европеизација.
– Ставот на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија останува дека европеизацијата на Македонија не смее да значи откажување од основните идентитетски одредници на македонскиот народ, вклучување на билатерални историски прашања во преговори со ЕУ и поигрување со националните чувства на македонскиот народ, се наведува во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во синоќешното гостување на ТВ 24, без да открива детали, најави дека следната недела во посета ќе дојдат и министри од Франција, Германија и Полска.
-Денеска дојде Европската Унија во Скопје, бидејќи очигледно одењето во Брисел не беше доволно за да им каже на опозицијата дека не можевме да добиеме подобар договор, второ нема да може никој и никогаш да смени една запирка од преговарачката рамка. Никогаш нема да може да се смени Преговарачката рамка, затоа што е изгласана од 27 членки, за да се смени сите треба да кажат да, треба да каже и Бугарија, рече Османи.
Тројцата министри ја посетија земјава на иницијатива на високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жосеп Борел за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ по однос на прашањата поврзани со нашето европристапно досие.