Против осомничениот сторител е формиран предмет за кривично дело убиство со умисла, што денеска беше доставен до Основното јавно обвинителство во Ханија, по што ќе следуваат предвидените судски постапки, информираше директорот на полицијата во Ханија Канелос Николау за убиството на 45-годишната Гркинка, кое го стори и призна 43-годишен македонски државјанин, јави дописничката на МИА од Атина.

Николау, заедно со генералниот полициски директор на Крит, Георгиос Ду̀кис, денеска излегоа со детали околу истрагата за расчистување на убиството на Ставрула Левендаки објаснувајќи дека станува збор за исклучително сложен случај, бидејќи исчезнувањето на жената било пријавено на 8 јуни 2026 година, а истрагата утврдила дека таа исчезнала уште на 30 мај, со што полициските активности започнале речиси десет дена по нејзиното исчезнување, „што дополнително ја отежна истрагата и создаде сериозни предизвици во пронаоѓањето и обезбедувањето на важни докази“.

– Соочен со непобитните докази што беа собрани, обвинетиот го призна делото и на полицајците им го укажа точното место каде што го пренел и скрил телото на жртвата, на приватна земјоделска парцела во областа Ватилакос кај Ханија. Веднаш беше организирана операција за истрага на посочената локација, во присуство на форензичар и специјализирани екипи. За време на ископувањето, беше пронајдено телото на жртвата, закопано во земја, завиткано во повеќе кеси и врзано со пластични стеги, целосно потврдувајќи го доказите собрани во текот на предистражната постапка, објасни директорот на полицијата во Ханија и додаде дека за денеска е закажана обдукција на телото со цел да се утврдат точните причини за смртта.

Како што вчера објави МИА, зад убиството стои 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие, а бил потстанар во куќата на убиената и последниот кој ја видел, со што во изминатите денови беше и главниот осомничен.

Во однос почетокот и текот на истрагата, Николау објасни дека особена тежина била дадена на процената и проверката на сведочењата со детална реконструкција на хронологијата на настаните, испитувајќи ја секоја информација и секој пријавен контакт на жртвата во последните часови пред нејзиното исчезнување, по што почнале да се издвојуваат суштински противречности во изјавите на лицето кое докажано било во контакт со жртвата на денот на нејзиното исчезнување и кое постепено било ставено во фокусот на истрагата како лице од особен полициски интерес.

Полицајците, паралелно собрале и анализирале голем број видеоматеријал од безбедносни камери во поширокиот регион, на кој биле снимени движењата и на жртвата и на осомничениот, а клучна била истрагата во домот на сторителот од каде што биле откриени дамки од крв на различни места, испратени на лабораториски анализи, а дополнително биле земени примероци од генетски материјал од блиски роднини на исчезнатата.

– Генетскиот материјал изолиран од трагите беше идентификуван како женски и преку споредбена анализа со примероци од родителите на исчезнатата, со исклучително висок степен на сигурност произлезе дека припаѓа на Ставрула Левентаки. Комбинираното користење на сведоштвата, телекомуникациските податоци, резултатите од криминалистичката истрага, лабораториските ДНК анализи и видео-материјалот ѝ овозможи на полицијата да формира целосна, кохерентна и целосно поткрепена доказна рамка, информираше директорот на полицијата во Ханија.

Потсети дека обвинетиот од петокот вечерта е уапсен и задржан во полиција во рамки на друга кривична постапка што се однесува на незаконско одгледување насад со канабис и предвидено е утре да биде изведен пред надлежниот истражен судија.

Генералниот полициски директор на Крит Георгиос Ду̀кис, нагласи дека беше расчистена „особено тешка истрага за исчезнување, која, како што на крајот се покажа, претставувала кривично дело“.

– Пораката е јасна: ниту еден криминал не останува без истрага. Ниту еден сторител не може да биде над законот и правдата, порача Дукис.

За исчезнувањето на 45-годишната Ставрула Левендаки, на почетокот на месецов беше издаден „missing alert“, а потстанарот во нејзината куќа, македонскиот државјанин беше и последниот кој ја видел откако го посетила за да ги земе парите за киријата и да го провери станот на 30 мај по што ѝ се загуби секаква трага.

Станува збор за случај што во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција, со оглед на тоа што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што при исказите пред полицијата негирал каква било поврзаност, туку и даваше изјави за медиумите пренесувајќи ги неговите ставови и префрлајќи ја вината врз други. 

МИА