Натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, вели првиот човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, кој вчера во Берлин се сретна со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Димитров пак, вели дека Македонија досега докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот. Во меѓувреме, претставувајќи ги приоритетите на идното француското претседателство со Советот на ЕУ, францускиот претседател Емануел Макрон се осврна на „големата одговорност што ја има Унијата кон земјите од Западен Балкан.
Макрон најави конференција ЕУ-Западен Балкан во јуни идната година.
– Нашето непосредно соседство е Западен Балкан, ние ќе организираме конференција во јуни за Западен Балкан. Бидејќи е повеќе од соседство, Балканот е срцето на Европа, доволно е да ја погледнете картата и нашата историја, во тој регион денес има нови тензии. Ние имаме особено историска одговорност кон Западан Балкан, нагласи Макрон.
По најавата на техничката влада во Софија дека Бугарија нема да го промени ставот за Македонија до крајот на годината и нема да ја одобри преговарачка рамка за земјата со ЕУ, првиот вицепремиер Артан Груби вчера информира дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
Бугарското МНР, пак, вели дека не се информирани за француската иницијатива, што ја споменал првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, информираше бугарската агенција БГНЕС.
– Во дипломатските кругови нема таков предлог, соопшти Брисел, пишува БГНЕС.
Димитров, кој престојува во Берлин, рече дека земјава вложила сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, и време е вниманието и енергијата да се насочат кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. -Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро, нагласи Димитров.
Првиот човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, Шулц, пак, од своја страна смета дека натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија.
На овие теми се разговараше и на средбите на Димитров со ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР, Сабине Штер и директорката во Министерството задолжена за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц.
– Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на С. Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели кои принципиелно го застапуваат она што е вистински „европско“ во интегративниот процес. Стартот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ, нагласи Димитров на средбите.
На средбата на Димитров со Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП како дел од владејачкото мнозинство и довчерашен германски министер за Европа, е посочено дека земјава може и понатаму да се потпре на германската поддршка.
Рот испрати порака до Македонија, да не се откажува и оти Брисел и целата Европска Унија ќе ги одржат ветувањата.
Во меѓувреме, откако техничката влада во Софија вчера најави дека Бугарија нема да го промени ставот за Македонија до крајот на годината и нема да ја одобри преговарачка рамка за земјата со ЕУ, првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
– Ние ги поднесовме одговорите кон сите прашања што ги има поднесено Бугарија во најконструктивна можна форма и чекаме новите власти, претседателот Радев, новата Влада, да му пристапат на дијалогот околу овие прашања на конструктивен начин. Да постигнеме зделка која ќе ни ја отвори вратата кон ЕУ, рече вчера Груби.
Според него, француската иницијатива би значела да се седне на маса на разговори и да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција.
Тој додаде дека постои оптимизам за преговори и за добивање позитивен сигнал на декемврискиот самит на ЕУ за отпочнување на преговори за нас и за Албанија во првите месеци од следната година.
Прашан како ја толкува вчерашната порака од Бугарија дека нема да се промени нивниот став, Груби повтори дека се надеваат на конструктивен пристап од бугарска страна.
– Имаме нова влада која треба да се избере. Ќе комуницираме со новата влада, која е резултат од изборите кои само што завршија во соседна Бугарија и се надеваме на тој конструктивен пристап затоа што кај нас има подготвеност за компромис којшто е достоинствен и за нашата земја, посебно за моите сограѓани Македонци, заклучи Груби.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера на средба со новинари, неофицијално брифира дека партијата нема да потпише и поддржи евентуален договор со Бугарија што би излегол од рамките на Резолуцијата изгласана во јули годинава во Собранието за црвените линии во преговорите, а поддржана од сите парламентарни партии.
Тие најавија и нова доктрина на партијата што ќе се применува по 12 декември, во која неофицијално ќе стои дека „секој обид за отворање дискусија, на билатерален или мултилатерален план, околу идентитетските прашања и карактеристики на македонскиот народ, по автоматизам води кон проблематизирање на македонската самобитност и единственост. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори за праведноста и почитта кон македонскиот народ и држава во меѓународните односи“.
Портпаролот на партијата Наум Стоилковски претходно на прес-конференција рече дека нема сознанија во врска со неофицијалните информации дека ќе биде постигнат договор во Париз меѓу Северна Македонија и Бугарија, оценувајќи оти е „јасно дека Бугарија нема да отстапи од зацртаните две резолуции донесени едногласно во тамошниот Парламент, кои што се спротивни на она што значи македонски национални интереси“.
Политичката партија Левица, пак, во меѓувреме побара прекин на преговорите со Бугарија, бидејќи, како што велат оттаму „останува фактот дека Бугарија нема да отстапи од своите негаторски и шовинистички барања кон Македонија“.
Во меѓувреме вчера почна последната средба за оваа година на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, којашто се очекува да продолжи и денеска во он-лајн формат. На претходната средба, која се одржа во изборен период во двете земји – кај нас меѓу двата круга од локалните избори, а во Бугарија за време на кампањата за претседателските и предвремените парламентарни избори, не беа усвоени никакви решенија и препораки.
Членовите на Комисијата од македонската страна за МИА тогаш брифираа дека не биле усвоени решенија и препораки поради „исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање на минатото“.
Во исто време, во Бугарија беа објавени резултатите на истражувањето на „Галуп Интернешнл Балкан“, според кои над 70 отсто од бугарските граѓани го сметаат за приоритет решавањето за односите на Скопје со Софија, а не пристапувањето на С. Македонија во ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според истражувањето, 71,1 отсто од Бугарите сметаат дека најважно е да се средат односите на Македонија со Бугарија, а не е толку важно дали Македонија ќе стане членка на ЕУ. Спротивното мислење имаат 7,5 проценти, додека останатите 21,4 отсто се двоумат.
Малку понаклонети кон игнорирање на проблемите во односите со Македонија имаат најмладите и луѓето со пониско образование. Сепак, уделот на оние кои ја поддржуваат опцијата Македонија да стане членка на ЕУ, без разлика на проблемите во односите со Бугарија, не надминува една десетина. Најсилни во ставот дека најважно е да се средат односите меѓу двете земји, а не толку дали Македонија ќе влезе во ЕУ се постарите, возрасните групи над 45 години и жителите на Софија.
Бугарската техничка влада завчера преку сооштение до медиумите најави дека нема да го промени ставот за Македонија до крајот на годината и нема да ја одобри преговарачка рамка за земјата со ЕУ. Официјална Софија смета дека Тирана е подготвена да ги започне преговорите за членство со ЕУ.
-Сепак, двете земји во моментов се движат во пакет кон ЕУ. За Бугарија, основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат останува одлучувачки. Бугарија смета дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција, беше наведено во соопштението од бугарската владина прес-служба.