Уста

Уста се вика местото каде што истекува Црн Дрим од Охридското Езеро. Таму порано се фрлаше крстот на Водици, бидејќи беше плитко. За фрлање на крстот имаше подигнато плато на колје. Бидејќи просторот беше подобен, таму најмногу се капеа и децата, често надгледувани и од нивните мајки откај Женска Плажа.

Денеска промените кај Устата се големи. Тие се направија со мелиорациите и изградбата на ХЕЦ „Глобочица“, односно со свртување на текот на реката Климетица и спуштање на дното на Црн Дрим. При тие зафати се открија некои артефакти што укажуваат дека Струга била населба уште од времето на неолитот наваму.

Истекувањето на реката од Езерото сега се регулира со дрвена брана т.е. со додавање или ваѓање на штици. Ваквиот начин го доведува во прашање Охридското Езеро, бидејќи неговото ниво зависи од волјата на некого. Би требало таквото нешто да се оневозможи со подигнување на бетонска брана висока до нормалното ниво на езерото, а преку тоа сама да истекува водата, а не „под команда“.

 

Убавината на Устата е нарушена и со овозможувањето до неа да израсте голема површина трска. Таа го затвора видикот од градот кон езерото. Трска во Устата порано немаше. Сега „рајската порта“ Устата ја нема. Неа би требало надлежните да ја отворат.

Мирошина

Мирошина (мирна широчина) на реката Црн Дрим се создаваше од сливот на реката Климетица до Устата.

Климетица беше прилично голема. Таа носеше нанос. Со тоа му го попречуваше слободниот тек на Дримот и создаваше една мирна широчина – Мирошина. Единствено тука дното на Црн Дрим не беше со тиња, беше со песок, тврд, па можеше де се помине со газење или со добиток без да се тоне. Токму затоа преминувале и воените единици на завојуваните страни.

Кога немало никакви мостови Црн Дрим можел единствено да се премине кај Мирошина. Затоа тогаш ова место се викало Страга, т.е. единствен премин преку реката. Од тоа Страга, велат старите, го добила името и населбата – Струга.

Откај Мирошина Црн Дрим на својот тек се пробиваше мирно и преку повеќе ракави. Еден крак минувал покрај црквата Свети седум мироносници (на која сега е изградена џамија), врвел покрај сегашната општина, излегувал кај Мал Дрим, над сегашниот Медицински центар и се влевал во Црн Дрим. И овој ракав на Црн Дрим се викаше Мирошина.

Газана

Патот откај црквата Свети Петар (од влезот во Струга откај исток) до кај сегашната улица Глобочица, односно патот за Охрид порано често бил под вода. За да се излезе од и да се влезе во Струга отаде, луѓето се собувале и боси газеле низ вода. Кога ќе прашал некој како ќе се оди, се велело: „Газана“, значи со газење низ вода. Затоа тој пат и просторот околу него се вика Газана.

Женска плажа

На левата страна од устата на Црн Дрим е Женска Плажа. Таму беа лединки, брегот со убав песок. Оваа плажа се вика женска зашто на неа оделе само жени. Тие таму се капеа, но и го белеа платното.

Женска Плажа беше едно од најубавите места до изградбата на царинарницата во четвртата деценија на 20 век, која по 1952 година стана хотел Галеб, а сега ја користи Општината. Со изградбата на царинарницата се наруши убавиот изглед кон езерото и Женска Плажа не е тоа што беше.

Машка плажа

Спроти Женска Плажа, на десната страна од устата на Црн Дрим е Машка Плажа. И таа изгуби од својата убавина со изградбата на хотелот Дрим, кој го затвори видикот кон езерото.

Сега плажите се делат само по името, а на нив се оди без разлика на полот, брачно, фамилијарно, со друштво.
Сите градби од патот кон езерото, како и некои мостови на Црн Дрим, посебно дрвениот, го затвораат видикот на Струга кон езерото, па во подобри времиња нив треба да ги снема.

Климентово блато

Од месноста Женска Плажа до кај селото Калишта тој дел се вика Светиклиментово блато, или само Климентово Блато. Тој голем простор беше сопственост на Црквата. Со него управуваше Црковниот одбор на главната струшка црква – Свети Ѓорѓија. Црквата не ги спречуваше стружани и околните села да ги користат благодетите на блатото.

Слободно се збираше трска, шавар, се пасеше добиток, се копаа ендеци/канали за од езерото да доаѓаат рибите за мрестење.

Во ова блато беше најголемиот лов на крапови. Секој корисник на блатото, ако ништо друго молитвеше за доброто што го видел од него, а некои даваа и по некој свој прилог во разни пригоди.

По 1946 година веќе Црквата не беше сопственик на блатото. Претходниот режим по исушувањето, овој простор го парцилизира и го даваше во замена за одземен имот на некои стружани, но посебно на негови заслужни послушници. Ќе му се одземеше некому сосема мала површина и дади му во блатото колку што ќе сака. На таквите им се велеше: „За ова оди во блатоно земи колку што сакаш“. Некои пак наоѓајќи се во одредени позиции си препишаа на свое име површини од блатото.

Земање црковен имот не е добро за себе, а посебно за потомците. Господ не е мачка веднаш да фати за очи, за гуша. На тоа треба добро да се замислат „сопствениците“. Верувам дека ако некои знееле дека ова место е вакавско, не ќе го земале доделеното земјиште. Оваа неправда државата треба да ја исправи кон црквата. Но МПЦ е крајно вереме да се стори стопан на Светиклиментовото Блато, како и на други имоти во Струга и во Струшко.

Панаѓуриште – Атмегдан

Местото источно над сегашната улица Глобочица се викаше Панаѓуриште, бидејќи порано тука во одредени временски термини на годината се правело панаѓур. Тоа место Турците пак, го имале резервирано за потребите на својата коњаница, па го преименувале во Атмегдан.

Од книгата „Записи за минатото на Струга“, 2, од Јоне Кленко, Струга 2008. (Подготви Марко Китевски)