Во скопскиот Кривичен суд денеска се одржува рочиште за случајот „27 април“ во кој меѓу обвинетите за тероризам се и тројцата пратеници кои во петокот во македонското Собрание гласаа за уставни измени за промена на името на Република Македонија.

Тоа се тројцата пратеници од опозицијата, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василески. Тие непосредно пред седницата беа ослободени од мерката притвор за да може да гласаат за уставните измени.

Според динамиката на судење, на денешното рочиште, обвинителката Вилма Русковска треба да почне со изведување на видеоснимките направени од собраниските камери на 27 април минатата година.

На претходното рочиште судијката Добрила Кацарска одлучи да ја исклучи јавноста поради испитување на загрозениот сведок Ц1.

Ова е прво судско рочиште, на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Мукоски, Василевски и Арнаудов, по нивното петочно гласање за уставните измени во Собранието. До крајот на месецов се закажани уште 4 рочишта.

На претходните рочишта беа сослушани 36 сведоци предложени од Јавното обвнителството, меѓу кои, пратеници, членови на собраниското обезбедување, припадници на МВР и новинари.

Меѓу обвинетите за „тероризам“, сосе тројцата пратеници, има вкупно 33 обвинети, меѓу кои поранешен министер, оперски пејач, режисер, артист и други лица.