Еколошкото друштво Еко-живот од Кавадарци најави петиција против изградба на цинкара близу градот.

Претседателот Роберто Паризов вели дека најпрвин со собирање потписи, а потоа и со сите други законски дозволени можности, ќе се борат против загадувачка индустрија.

Ваквата нивна реакција доаѓа по најавената заинтересираност на кавадаречки инвеститор да инвестира во линии за проширување на асортиманот, но и производство нови производи. 

– Ќе дозволат ли општинските власти уште една еколошка катастрофа во Кавадарци, јавно праша тој, нагласувајќи дека ја имаат и поддршката од Здружението „Напредни лозари“, како и од други субјекти кои се залагаат за чиста и здрава животна средина. 

Паризов додаде дека според нив, во опасност се лозаро-винарството и воопшто земјоделството во плодната Тиквешија, но најмногу здравјето на кавадарчани, кои и онака се чести посетители на скопските клиники. 

– Кавадарци и досега беше на врвот по загадување во државата. Не ни треба дополнителна загадувачка индустрија, дециден беше тој.