Планините во Источна Македонија изобилуваат со свои специфики препознтливи за населението. Една од тие планини е и планината Голак над Делчево. Планина која изобилува со голем потенцијал за развој на планинарски спортови, но и место во кое некогаш свратуваа туристи, не само од Македонија туку и од просторите на поранешна Југославија. За таквите специфики не постои подобар соговорник од самите планинари.
Делчевскиот планинар Љупчо Чучуковски кој е и единствениот лиценциран планинарски водич на крајниот Исток со голема љубов и жар раскажува за богаството со кое располага делчевската планинска убавица.
– Планината Голак на некој начин си има своја специфика, како по флората и фауната, така по географската местоположба и по самиот терен. Значи од животинскиот свет на планината Голак најмногу е застапена дивата свиња, потоа волкот, лисицата, неколку видови глодари, исто така и птици, но морам да кажам дека единствено овде на планината Голак или поточно над браната Лошана, не знам од кои причини, но само таму сум видел орел, вели Чучуковски.
Планината Голак иако не е голема на територија како што додава делчевскиот планинар изобилува со голем број печурки и растетелен свет.
-Веќе имаме поставено табли за патеката на билките и можам да кажам дека на планината Голак се наоѓаат повеќе лековити билки од кои дел се користат за чаеви, додека еден друг дел се користат за правење лекови. Овде можат да се најдат жолт и црвен кантарион, потоа може да се сретне подабиче, риген, јаглика и други. Планината изобилува и со јадливи печурки како вргањ, срндак, лисичарка, буковката и други, вели Чучуковски.
Самото подножје на планината Голак и повисоките нејзини делови со врвовите според пресметката на Чучуковски изнесува 25 километри во должина и 10 километри во ширина.
-Притоа да напоменам, дека на планината Голак се надоврзува уште една помала планина која што е релативно малку позната, тоа е планината Обозна, така што ако се додаде и тој простор површината би изнсувала најмногу до 40 километри во должина и тоа во правец север-југ, додава Чучуковски.
Планината според делчевскиот планинар има одлични услови за повеќе видови спортови.
-Планината Голак бидејки е релативно добра планина според теренските услови, нема некои ризични подрачја така што е идеална за развој на планинарски спортови, како пешачење, планинарски велосипедизам, планинарско трчање, скијањето и други, додава Чучуковски.
За полесна ориентација на планинарите и рекреативците во природа, Планинарскиот спортски клуб ,,Голак” досега има трасирано неколку планинарски патеки.
-Патеките почнуваат од Делчево и завршуваат или до врвот Чавка на 1526 метри надморска висина или до самиот врв Мала Чавка на 1508 метри надморска висина, така што досега имаме направено конкретно вакви планинарски патеки, кои на соодветен начин согласно Правилникот за планинарски патеки на Федерацијата за планинарство се маркирани до самите врвови, вели претседателот на ПСК „Голак”.
Туристичкиот подем на Голак како што додава започнува во 1981 гподина со изградбата на Детското одморалиште, каде претходно веќе постоел изграден стар објект.
-Тогашниот нов објект како Детско одморалиште имаше капацитет од 280 легла во кој капацитет постоеше и кујна, постоеше библиотека, пинг понг сала, а во зимскиот период се одржуваше и зимска ски-школа од страна на самиот дом. Со тек на времето во 2004 односно 2005 година, почна неговото уништување, не знам од кои причини тоа се случи, така што денес тоа е еден добар спомен од минатото. Се надевам дека во некоја блиска иднина ќе биде обновено одморалиштето, така што повротно би се вратил сјајот на тоа време, додаде Чучуковски.
На Голак постоел и ски-лифт кој доколку денес се изгради повторно би имало голем интерес за скијање, бидејки како што додава Чучуковски планината има можност барем два месеца во годината за зимска сезона.
-Исто така можам да кажам дека 80-тите години се направи и ски-лифт, станува збор за мал ски-лифт на кој имаше и патека, каде што сите оние кои доаѓаат на планината Голак, можеа да скијаат и нормално значи ски-лифтот и да го користат. Меѓутоа исто така не знам од кои причини дојде до негово уништување така што сега нема никакви траги од него. Би било убаво во блиска иднина да може и тој да биде изграден, бидејки ние како планинарски клуб, секоја година организираме некои почетни предавања, така што доколку се направи ски-лифтот според мене заинтересираноста би била огромна, најмногу заради тоа што добри два месеци Голак има потенцијал за развој на овој спорт, особено за почетници кои ќе можат да се учат на основните техники во скијањето, дополни Чучуковски.
Во последните години планината Голак повторно е доста посетувана особено од планинари ентузијасти, како и граѓани кои во недела се искачуваат на чист воздух.
-Ние како планинарско друштво често сме овде, секоја година имаме традиционални маршеви, на кои маршеви секогаш учествуваат над 100 луѓе, од повеќе градови на Република Македонија како и од други држави, посебно од Република Бугарија. Покрај планинари доаѓаат и посетители да се рекреираат со своите фамилии, своите блиски пријатели како од Делчево, така и од соседните градови, додава претседателот на ПСК „Голак“.
Прв чекор за подобрувањето на инфраструктурата на Голак е направен во делот на реконструираната патна мрежа од Делчево до спортските терени на Голак. Патот е комплетно реконструиран со потребната патна сигнализација и според претседателот на делечвскиот планинарски клуб, останува да се поработи на создавање услови за реконструкција на Детското одморалиште што во блиска иднина Голак би го добил својот препознатлив сјај, кој го паметат генерациите од времето на поранешна Југославија.
Валери Спасевски за МИА