Четиринаесетото издание на манифестацијата „Велигденски кули 2021“ годинава ќе се одржи во нова форма, поради пандемијата со Ковид-19.

Така наместо денеска да бидат застапени сите содржини кои во претходните 13 години беа дел од оваа културно-туристичка манифестација, годинава таа ќе се сведе на концерт на кој ќе настапат солисти и фолклорни орекстри од повеќе културно-уметнички друштва, потврди Милена Стојческа директор на Домот на културата од Македонски Брод, кој е домаќин на оваа манифестација, што и годинава финансиски е подржана од Министерството за култура.

– Поради пандемијата со Ковид-19 годинешната манифестација „Велигденски кули 2021“ ќе биде организирана во нова форма без помасовно собирање на граѓани и присуство на гости од други градови. За годинава со почеток во 12 часот ќе биде организирана културно-уметничка програма во која ќе настапат солистите од КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод, Боби Најдоски, Анастасија Ѓореска, Ивона Ацкоска и Симона Матеска. Потоа ќе настапат и фолклорниот ансамбл на КУД „Брвеница“ од Брвеница , КУД „Гоце Делчев“од Битола, како и инструменталисти од „Стив Наумов“ од Логоварди Битолско, истакна Стојческа.

Таа посочи дека во текот на денот ќе биде организирана и промоција на етно-музиколошки есеи на две професорки од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

– Покрај културно-забавната програма попладне пред Домот на културата во Македонски Брод, во домот ќе се одржи и промоција на книгата на професорките етно-музиколози од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Родна Величкоска и Катерина Петровска-Иванова, книгата „Македонски етно- музиколошки есеи“, додава директорката.

Таа потстети дека на концертот и промоцијата на книгата, се очекува да присуствува и првиот човек на Општина Македонски Брод, Живко Силјаноски.