Македонскиот ракометен шампионат се ближи кон својот крај, а исходот за тоа дали Вардар ќе ја одбрани титулата или Еурофарм Пелистер ќе го преземи тронот во голема мера ќе биде познат вечер по одигрување на големото дерби закажано за 19 часот.

Домаќините се подготвени, салата е целосно распродадена, а во неа се очекува да присуствуваат и околу 200 гостински навивачи.

Во „градот на конзулите“ владее огромен интерес за вечерашниот дуел. Управата на Еурофарм Пелистер во соработка со „Златен Даб“, општина Битола и тамошниот Културен и информативен центар попладнево од 14 часот ќе ја отвори „Фан-зоната“ на платото на Офицерски дом.

– Посетителите „Фан-зоната“ ќе можат да уживаат во вкусна храна и ладно пиво, забавно музичка програма и настапи во живо, а ќе можат и да си купат дресови, шалови и останати производи со заштитниот знак на клубот.

Големото дерби ќе може заеднички да се проследи на видео-бим.

Организаторот соопшти дека фан-зоната ќе биде отворена без разлика на временските услови.