Вина на „Тиквеш“ на натпревар на вина и жестоки пијалаци во Хонг Конг, Кина освои шест медали. Генералниот директор на ВВ „Тиквеш“ Радош Вукиќевиќ смета дека освоените награди значајно ќе ги зголемат шансите за соодветно позиционирање на „Тиквеш“ како производител на квалитетни вина кои потекнуваат од Европа, што е особено важно за потрошувачите на кинескиот пазар.

– До неодамна Кина не се вбројуваше во традиционалните светски вински пазари, но сведоци сме дека ситуацијата се менува рапидно. Прогнозите се дека во 2020-та година увозот на вина на кинескиот пазар ќе достигне вредност од 22 милијарди долари, со што Кина ќе ги надмине водечките вински пазари, како Франција и Велика Британија. „Тиквеш“ веќе неколку години сериозно ги следи и анализра ваквите пазарни трендови и презема конкретни чекори за зголемување на пласманот на нашите вина на овој огромен пазар, вели  Вукиќевиќ.

Од ВВ „Тиквеш“ соопштуваат дека наградени се црвеното вино „Вранец Special Selection 2016“ со освоен двоен златен медал,  „Т’га за југ 2016“, „Барово 2015“ и „Alexandria Cuvée 2016“  со златни медали. „Chardonnay Domaine Lepovo 2016“ со сребрен медал и белото вино „Alexandria Cuvée 2017“ со бронзен медал.

Наградите се добиени во конкуренција на над  5000 светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од страна на претставници на 100 најголеми увозници на вино, ресторани, хотели, специјализирани продавници и трговски ланци во Кина, кои годишно увезуваат над 90 милиони шишиња вино.