По повод Светскиот ден на змиите, Македонското еколошко друштво вечерва во дворот на Кинотеката на Македонија во Скопје организира бесплатна проекција на документарниот филм „Европа: Еден континент, пет света“, во кој значајно место има и Голем Град во Преспанското Езеро, познат како „Змиски остров“.

Како што соопштуваат од МЕД, проекцијата ќе почне во 20:30 часот, а на публиката ќе ѝ биде прикажана првата од шесте епизоди на документарниот серијал „Европа“, сниман на повеќе од 50 локации во речиси 30 земји.

Во фокусот на филмот е и змијата-рибарка (Natrix tessellata), еден од најпрепознатливите видови на Голем Град, чиешто живеалиште го следела меѓународна филмска екипа со поддршка на херпетологот Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

По проекцијата, Арсовски ќе зборува за искуствата од снимањето на документарецот, како и за долгогодишните истражувања на водоземците и влекачите на островот.

Организаторите информираат дека филмот е преведен на македонски јазик, наменет е и за деца, а влезот е бесплатен.

Фото: МЕД