Инвеститорот Сергеј Самсоненко, останува во Вардар, објави спортскиот портал Гол.мк
Според информациите до кои дошол порталот, поранешниот прв човек на Вардар, според најавите ќе остане мнозински сопственик на Ракометниот клуб Вардар и ќе продолжи како инвеститор во тимот, а прв човек ќе биде Михајло Михајловски, пишува порталот.
Во финансирањето, како што пишува порталот, Русинот ќе има голема помош од домашни македонски компании, кои веќе го потврдиле своето учество во клубот.
Се уште се чека одговор за креирањето на финансиската конструкција, на уште една голема компанија, чие име засега не се открива, а треба инвестира околу еден милион евра за клубот.
Веќе е договорен состанок на сите страни, на кој, наводно, на играчите ќе им биде соопштено дека нема да треба да бараат нови клубови и дека и во наредната сезона тимот ќе остане ист и ќе атакува на истата цел, а тоа е место меѓу најдобрите четири во Лигата на шампионите, пишува Гол.мк.
Самсоненко е прв човек на РК Вардар од 2014 година, а тимот со него како инвеститор оствари големи успеси за македонскиот ракомет.