Македонската банкарска асоцијација (МБА) го координираше своето членство и едногласно ја поддржа иницијативата според која сите експозитури и централни објекти на членките ќе ги изгаснат светлечките реклами во период од 30 дена откако вчера Владата прогласи кризна состојба во енергетската сектор.

-Со овој чекор, банките и штедилниците придонесуваат кон заштеда на електрична енергија и даваат пример за здружено општествено одговорно однесување кое дополнително се пренесува и до сите вработени кај членките, со препорака за рационално користење на електричната енергија не само во работните простории туку и во домовите, велат од МБА.

Со колективни едукативни акции од овој вид, посочуваат, можеме долгорочно позитивно да влијаеме врз предизвиците со кои се соочуваме глобално како што се заштитата на животната средина и намалување на ефектите од климатските промени.

Од МБА искажуваат благодарност до членките за, како што велат, брзиот одѕив на предложената иницијатива, но и бројните досегашни активности кои ги преземаат во поглед на одржливост и подигнување на еколошката свест.