Во одредени делови на Скопје има зголемена потрошувачка на електрична енергија, но има и појави на кражба на струја, а неретко тоа се прави за т.н. копање биткоини, вели за „Утрински брифинг“ Марко Бислимовски, претседателот на регулаторната Комисија за енергетика.

– Луѓето сами ги менуваат осигурувачите, со што може да се предизвика пожар затоа што се овозможува поголема моќност без да се има услови за тоа. Кражба на електрична енергија е кривично дело, а инаку може да се зголеми потрошувачката, но тоа треба да се пријави во ЕВН и да се променат легално осигурувачите и евентуално кабелот, објаснува Бислимовски.

Владата прогласи електроенергетска криза во период од 30 дена. Комисијата за енергетика има свој претставник во владината комисија, но Комисијата за енергетика за кризата нема надлежност за управување со кризата туку подоцна може да одлучува во рамките на своите надлежности во врска со цената на енергијата.

– Електроенергетската криза е прогласена за ЕСМ и МЕПСО да можат да повлечат средства од Буџетот и да ја поправат својата финансиска состојба. Рестрикции имало и порано. Но сега има слободен пазар на електрична енергија од различни снабдувачи. Снабдувачот мора од добавувачот од странство предвреме да ја плати струјата. Ако има рестрикции, добавувачите нема да можат да ја продадат струјата не по своја вина. Ако ја продадат на друго место, ќе имаме дополнителни проблеми. Мислам дека рестрикциите не се решение, вели Бислимовски.