Денеска во Софија на заедничката македонско-бугарска експертска комисија ќе се расправа за ликот и делото на Гоце Делчев и чиј е овој македонски револуционер кој се борел за слобода на Македонија.
На вчерашниот дел од дводневниот состанок, експертите во Софија работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки за учебниците за седмо одделение во Република Македонија и шести клас во Бугарија.
– Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период, изјавија од мешовитата комисија.
И покрај разликите членовите на Комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави.
– Нашите колеги не можат да бидат индиферентни пред фактите, документите, како и пред неопходноста личноста на Гоце Делчев да ја разгледуваат во контекст на неговото историско време, а не на начин, според кој, тој е прифатен и наложен како симбол подоцна, во време на постоењето на современата македонска држава, изјави првиот човек на бугарскиот дел од Заедничката бугарско-македонска комисија за прашања од учебниците и историјата, поранешниот бугарски амбасадор Ангел Димитров, во утринската емисија на БНР новини.
Тој изјавата ја даде спроти почетокот на седмата средба на мешовитата комисија.
Димитров е умерен оптимист за исходот на средбата на која треба да се разгледуваат македонските и бугарски учебници по историја и ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Но, истовремено ги обвини членовите на македонскиот дел од комисијата дека не покажуваат склоност за одделување од „традиционалните тези“.
– Сигналите, што пристигнуваат последниве месеци покажуваат дека нашите колеги не пројавуваат којзнае колку голема склоност да се одделат од нивните традиционални тези во интерпретацијата на минатото, изјави Димитров.
Според Димитров, средбите на комисијата треба да бидат почести, а неговите забелешки за „отстапувањето на членовите на македонскиот дел од комисијата“ се:
– Има извесни отстапки од тоа што го постигнавме како согласност за улогата на бугарската држава, на бугарските владетели и за развојот на христијанството и словенската писменост, словенобугарската да ја наречеме писменост и култура за време на првото бугарско царство. Тука има извесна желба кај нашите колеги да го релативизираат тоа што веќе беше речено и постигнато. Донекаде дури чувствувам желба да се ревидира тоа што на некој начин се согласија околу царувањето на цар Самоил, рече Димитров.