Рокот на употреба на СЈО истекува, а од денеска почнува големиот транспорт на сите „бомби“, што Катица Јанева ги доби од Зоран Заев и СДСМ, во Основното јавно обвинителство.

Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекува в недела на 15 септември и нема изгледи дека дотогаш ќе се донесе нов закон за продолжување на работата на СЈО, кое заминува во историјата со неславен рекетарски крај, а „бомбите“ на „Т“ и сите останати се селат во ОЈО.

Од СЈО вчера потврдија дека се подготвени за големиот транспорт, а републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески наведе дека сите технички процедури за преселбата на „бомбите“ и доказите се веќе договорени.

Како што беше вчера најавено, секој обвинител најверојатно ќе треба да го спакува својот предмет, но пред тоа да го попише и архивира. Истата процедура ќе важи и за истрагите и предистрагите. На тој начин ќе му бидат отстапени на Јовески, а можно е физички и воопшто да не бидат изнесени, бидејќи зградата на СЈО останува во сопственост на Јавното обвинителство понатаму.

Во моментов непознато е како ќе се распоредат понатаму вработените на СЈО, кои вчера се обратија до амбасадите во Македонија и до државниот врв да им најдат чаре.

На два дена пред истекот на мандатот на СЈО и Јанева, стручната јавност, партиите и обвинителите се обидуваат да најдат решение како да продолжи со работа СЈО кое во 2015 година беше формирано како резултат на аферата со прислушуваните разговори, а самото СЈО заврши со криминалната афера Рекет во која е вплеткана специјалната обвинителка која требаше да решава криминал.

Партиите поделени во своите ставови. Од СДСМ велат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ свесно се обидуваат да ја жртвуваат иднината на државата и граѓаните заради спас на криминалците од таа партија со тоа што не го поддржуваат новиот закон за ЈО. Додека пак ВМРО-ДПМНЕ со став дека премиерот Зоран Заев сакал да го заштити својот и криминалот во своите редови и поради тоа не сака независно обвинителство водено од обвинител на предлог на опозицијата.

На страна од партиите и роковите за Јанева, обвинителката од СЈО Ленче Ристоска вчера пред рочиште во Кривичен суд рече дека тие се уште функционираат според законот за СЈО кој важи до септември 2020 година. Од ова обвинителство вчера соопштија и дека се подготвени да одговорат на дописот на ЈО, а тоа е веднаш да ги предадат предметите по кои постапуваат со сите списи и докази.

Паралелно со тековните настани на неизвесност за опстанокот во СЈО, стручниот, административен и помошно-технички персонал на ова обвинителство побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на СЈО и од политичките чинители во земјава.

Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО, од кои голем дел вработени по пријателска и роднинска линија на Јанева, да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.

-Во текот на разговорите за законот за Јавното обвинителство водиме грижа за сите лица вработени во Специјалното јавно обвинителство и разговараме за нивниот статус. Нашиот предлог беше дека тие лица треба да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите и систематизацијата на Јавното обвинителство, вели министерката Дескоска во врска со писмото со барања испратено од техничкиот персонал на СЈО до амбасадорите и до државниот врв.