Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.
Се потврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.
Формирана во согласност со Договорот за добрососедство, Комисијата досега одржа вкупно девет средби и утврди препораки за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, на цар Самуил, како и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, а кои беа усвоени од владите на двете страни.
Комисијата во моментов е на пауза по барање од македонскиот тим поради изборите во земјава. За бугарската страна, пак, станува збор за прекин на работата на Комисијата и неизвесно е продолжувањето на нејзината работа.
Ангел Димитров, копретседавачот на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, по последниот дводневен состанок на Комисијата на крајот на ноември минатата година изјави дека сè уште нема договор во однос на средновековниот период и за Гоце Делчев. Тој оцени дека тензиите што постојат во нивната работа изминативе месеци не стивнуваат и дека постигнатите договори до моментов се незначителни. Според него, неизвесно е продолжувањето на работата на Комисијата која, како што вели, била еднострано прекината од македонска страна.
– Тоа е надвор од нашите можности, се обидовме да направиме што можеме, сега работите се пренесуваат на политичко ниво, прецизира Димитров, додавајќи дека нивниот предлог да се одржи уште една средба во декември македонскиот тим го одбил од, како што вели, нивни причини и предложил да се направи голема пауза во контактите до мај.
Од македонскиот тим тогаш појаснија дека времената пауза за одржување формални средби ја побарале за таа да не се злоупотребува во дневнополитички и предизборни цели и да се заштити процесот на градење добрососедски односи. Тие велат и дека злоупотребата на работата на Комисијата може да дојде од двете држави, не само од Македонија.
– Тврдењето дека Бугарија била во изборен процес и тоа не било пречка за Комисијата да продолжи со работа се покажа како лошо. Имено, токму во предизборието во Република Бугарија и за политички потреби на одредени партии беше усвоена рамковната позиција на бугарската Влада, која има сериозни последици врз развојот на добрите односи и надминувањето на споровите меѓу двете држави и двата блиски народа, македонскиот и бугарскиот, а со тоа и на работата на Комисијата. Затоа, ова барање е во интерес на двете страни, не само на македонската, нагласуваат за МИА од македонскиот тим во експертската комисија.
Шефот на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија, Драги Ѓоргиев, во неколку наврати по средбата изјави дека од наша страна не е прекината нејзината работа, туку е направена пауза поради предизборниот период во Македонија.
– Работата на Комисијата не е прекината. Ние неколку пати изјавивме дека станува збор за пауза во работата поради предизборниот период во нашата држава. Во меѓувреме ние предложивме да продолжи нашата комуникација по електронски пат со размена на забелешки, препораки, па дури и наши идеи за Гоце Делчев и чествувањето. Така што од наша страна не е прекината работата, потенцира проф. Ѓоргиев.
Тој посочува дека постои комуникација меѓу тимовите, а последната била за размена на записникот од последната средба што се одржа во Софија.
– Го усогласуваме записникот, значи постои комуникација. Меѓутоа дали ќе продолжи и од аспект на работата во однос на учебниците, тоа зависи и од бугарска страна. Ние тоа го предложивме. Доколку тие сметаат дека во овој период од два-три месеци можеме така да работиме, тоа е за нас сосема прифатливо, вели Драги Ѓорѓиев.
За концепциските разлики во Комисијата и динамиката на работа
И македонската и бугарската страна потврдуваат дека постојат разлики во концептите за тоа што се подразбира под термините заедничка и споделена историја и како се толкува Договорот за добрососедство.
Димитров, кој го предводи бугарскиот тим, по последната средба во Софија во ноември изјави дека добиле сигнали дека имаат различни претстави со нивните колеги не само за смислата на нашата работа, туку и за разбирањето на Договорот за пријателство и добрососедство.
– Тоа е доволно убедлив показател дека не сме во состојба да зборуваме за постигнати сериозни резултати. Загрижен сум не само затоа што секој чекор напред е нешто добро, не толку за самиот договор, колку за односите меѓу луѓето од двете држави. Загрижен сум и затоа што едно од решенијата на Комисијата беше очекувањето за поинтензивна работа со цел да постигнеме определени резултати до крајот на годината околу разговорите за Гоце Делчев и за Илинденското-преображенско востание, вели Димитров додавајќи дека работата по ниту едно од тие прашања не е завршена.
И професорот д-р Ванчо Ѓорѓиев, член на македонскиот тим во експертската комисија, во разговор за МИА минатиот месец изјави дека двете страни имаат различно толкување на терминот „заедничка историја“, кој е содржан во Договорот за добрососедство.
– Најдиректно кажано, колегите од Бугарија со тоа сакаат да промовираат некаква политичка концепција и некаква идеологија, сакајќи да ни укажат дека до 1944 година ние сме имале заедничка историја, меѓутоа нивното сфаќање на заедничката историја подразбира дека тоа станува збор за еден народ, кој имал еден јазик, една историја, едно минато, вели Ванчо Ѓорѓиев.
Според него, заедничка историја е во периодот на средновековието, кога Македонија била дел од бугарската држава, потоа периодот од 1915 до 1918 година, кога за време на Првата светска војна територијата на Македонија е окупирана од Бугарија и периодот од 1941 до 1944 година.
– Само тоа може да биде заедничка историја, другото е споделена историја. Нешто што во Европа и во светот секаде така се перципира, затоа што ние можеме да имаме заедничка историја со сите околни народи и во таа смисла ако Договорот за пријателство и добрососедство се доведува во ситуација да зависи од работата на Kомисијата за историја, тогаш тешко на овие народи и тешко на тие добри односи ако сета работа се сведе на тоа, бидејќи во овој договор има многу други точки. Ние сме реално овде, ние сме македонски народ со македонски јазик, со македонска историја и нашите односи треба да зависат од тоа што е реалност – развивање на економската соработка, развивање на соработката во културата, образованието и на многу други нешта, подвлекува професорот Ванчо Ѓорѓиев.
Тој додава дека историјата е нешто што обременува и доколку некој мисли дека на друг ќе му ја натури својата перцепција за минатото, тогаш сериозно се поставува прашањето за какви добрососедски односи може да станува збор.
– Во секој случај, Комисијата ќе продолжи и понатаму да работи. Во светот ниедна работа, ниедна комисија не завршила така одеднаш. Впрочем, искуствата од западноевропските земји, да речеме германско-полската комисија, француско-германската комисија, руско-полската комисија и други, траеле со децении. Оттука, многу е интересно прашањето зошто некој инсистира толку бргу да се решаваат работите. Во таа смисла ние сакаме да останеме пасивни за време на изборите кај нас за да не се злоупотребува ова прашање, додава професорот Ванчо Ѓорѓиев.
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за една национална телевизија оцени дека Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија седум-осум месеци наназад, или нешто повеќе, работи со исклучително бавно темпо, но, како што вели, тоа е заради занимање со прашања што се анахрони, како што е етничката припадност на историски личности.
– Вие не можете во 2019, веќе 2020 година ќе нè фати, работа на една комисија да биде која била или каква била етничката припадност на некој човек кој живеел пред 150 години, рече меѓу другото Пендаровски говорејќи начелно, вели, без да се меша во работата на Комисијата.
Според него, многу подобро би било доколку во Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија биле вклучени и неколку меѓународни експерти, кои го знаат Балканот во тој временски период, посочувајќи го како пример Преспанскиот договор.
Во друга пригода, Пендаровски посочи дека прогресот изостанува и поради тоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап.
– Јас на последната средба со бугарскиот премиер Борисов овде, во Скопје, каде што зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел од Комисијата, јасно му кажав дека Комисијата не може да има краен рок. Да ги земете најдобрите историчари на светот, не може во две недели или за два месеца да решите два века. Се надевам дека ќе надвладее разумот и нема да има политички притисоци, кои неспорно доаѓаат од Софија, врз работата на таа комисија, рече Пендаровски.
Дебатата за јазикот – придружна сенка на работата на Комисијата
Врз работата на Мешовитата комисија се одрази и усвоената рамковна позиција на бугарската Влада на само една недела пред Европскиот совет на 17 октомври да донесе одлука дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите.
Потоа следеше и дебатата за македонскиот јазик што се наметна откако МАНУ во почетокот од декември усвои Повелба на македонскиот јазик, а БАН реагираше со оценка дека станува збор за документ што е неточен и неприфатлив и им наштетува на односите меѓу двете соседни земји. Ставот на БАН, посочуваат, останува едногласен и непроменет дека официјалниот јазик во Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик.
Тогаш актуелниот претседател на МАНУ, Таки Фити, најави дека ќе разговара со колегите од БАН околу нивниот став за Повелбата за македонскиот јазик и додаде дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.
– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните, изјави академик Фити.
Претседателот на македонскиот тим експерти во Заедничката македонско-бугарска комисија, Драги Ѓоргиев, во изјава за Дојче веле, пак, наведува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.
– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката комисија, додава историчарот Ѓоргиев.
Тој посочува дека и на состаноците на Комисијата, бугарските претставници избегнуваат во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“ и „македонска култура“. Според него, избегнувањето на придавката „македонски“ бугарските членови го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде што таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.
– Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19 век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија, вели Ѓоргиев.
Поранешниот премиер Зоран Заев, кој се повлече од функцијата поради формирањето техничка влада во согласност со обрските од Пржинскиот договор, која треба да ги организира изборите закажани за 12 април, најави дека планира по Нова година како политичар да замине во Софија на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, со кого меѓу другото ќе поразговара и за работата на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.
Како што брифираа тогаш од Владата, средбата може да помогне да се придвижат работите на Комисијата, но додаваат дека додека земјава е во изборен процес не е паметно да се влегува во решавање на прашањата за кои двете земји засега не ги приближиле ставовите, како што е прашањето за Гоце Делчев.
Членот 8 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија меѓу другото го уредува и формирањето „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани…“, како и организирање „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“.
Виолета Геров за МИА