Евентуална малцинска влада во Софија би била со краток здив и чекор кон нови предвремени избори, можеби во исто време со претседателските на есен. Во вакви услови исклучително се мали шансите за промена на ставот на Софија кон Скопје во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почеток на преговорите до крај на годината.
Ова за МИА го оценуваат политичките аналитичари Симонида Кацарска од Институтот за европски политики и Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис во Скопје во очекување на конечните резултати од изборите во кои се води мртва трка меѓу ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов кој има минимална предност под еден процент и веќе најави формирање на малцинска влада во Бугарија.
Според Кацарска, од прелиминарните резултати, очигледно е дека тешко ќе биде формирањето влада во Софија. Голема е веројатноста, дури и да се формира влада, дека таа ќе биде далеку од стабилна поради што не е исклучено да видиме и нов циклус на избори во Бугарија набргу, можно дури и заедно со претседателските избори.
За Трошановски две сценарија се веројатни – да има повторни нови избори или да се формира малцинска влада од страна на т.н. протестни партиии на чело со Трифонов и ИТН.
-Во секој случај таа малцинска влада би била склоп на многу различни политички интереси. Популизмот на Трифонов од една страна со реформскиот и прозападен курс на Демократската Бугарија, тука е Партијата на Турците која што би се вклучила. Така што таа влада кај би била малцинска и би била политички многу неконзистентна во програмата и оттука прилично нестабилна. Мислам дека и ако би се формирала таа малцинска влада набрзо ќе следува период на политичка криза и повторно нови избори, вели Трошановски.
Во однос на спорот со Скопје, Кацарска е децидна дека во овие услови, исклучително се мали шансите за промена на ставот на Софија кон Скопје во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почеток на преговорите до крај на годината, особено со оглед на претседателските избори кои претстојат наесен.
-Овие услови однапред ги отежнуваат и напорите кои евентуално би ги направило словенечкото претседателство и останатите партнери во насока на исчекор во нашите преговори, заклучува Кацарска.
И Трошановски е на иста линија дека мали се изгледите за почеток на преговори со ЕУ до крајот на годинава.
-Во политиката постојат веројатности, не постојат извесни сценарија. Повеќе веројатно е дека договор нема да постигнеме. Ако претходно проблем беше техничката влада сега ќе биде проблем или малцинската влада или разногласието во рамки на таа влада околу тоа како да се реши прашањето со Македонија. Во секој случај таа влада за да реши нешто со Македонија би требала да биде поддржана од ГЕРБ или Социјалистите, а со оглед на нивните досегашни позиции по прашањето, тоа нема да се случи. И во таа смисла не очекувам брзо решавање на овој спор, дури и наредната година, вели Трошановски.
За жал, додава тој, дипломатиите на големите партнери, пријатели на земјава, работеа, но и во овој период пред да заврши португалското претседателство, вели имавме многу силни дипломатски изјави што досега не сме ги виделе, па сепак ништо не се случи.
-Така што не верувам дека се поволни околностите, особено што договорот што е понуден не е на реципрочна основа и штети на интересите на нашата земја на долг рок, подвлекува Трошановски.
Во однос на усвојување на резолуција зад која би застанале сите политички партии во Парламентот со која би се исцртале нашите „црвени линии“, Кацарска смета дека тоа би обезбедило легитимитет на позициите внатре и надвор на секоја идна влада во разговорите за надминување на разликите со Бугарија.
-Несомнено е дека нам внатрешно ни е потребна дискусија и градење на надпартиска стратегија и пристап кон тешките прашања, како што се разговорите со Софија. Резолуција со која се градат државните позиции за преговорите со Софија, доколку е поддржана од сите клучни актери во политичкиот живот, ќе обезбеди легитимитет на позициите внатре и надвор на секоја идна Влада. Од аспект на преговорите со Бугарија таа може да биде гледана како ограничувачки фактор, но тоа не ја побива реалната ситуација дека нашите политички чинители од сите ориентации мора да седнат и разговараат и за тешки прашања како овие, подвлекува Кацарска во коментар за тоа како ќе се одрази евентуалното усвојување на Предлог-резолуцијата во Собранието поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на нашите преговарачки позиции во разговорите со Софија.
И за Трошановски крајно време е да се обединат партиите по вакво важно прашање од национален интерес.
-Мислам дека сите политички партии треба да ја поддржат и да се обединат околу таа резолуција. Доколку за идентитетот и јазикот не се преговара, како што се вели, тогаш таа резолуција нема зошто да штети и дури и на деликатни и фини дипломатски решенија кои што би се нашле како резултат на таа спогодба. Крајно време е да се обединат партиите во тој дел и да ги исцртаат нашите „црвени линии“, во спротивно можеме сами да си наштетиме на долг рок преку несмасни решенија кои што, повторно ќе кажам, би наштетиле на националниот интерес, вели Трошановски.
Според преброени речиси 99 проценти од гласовите партијата на телевизискиот водител Слави Трифонов, Има таков народ, има предност од скоро 6.000 гласови пред коалицијата предводена од Бојко Борисов ГЕРБ-УДФ, партијата на Трифонов освоила 23,9 проценти од гласовите, а ГЕРБ-УДФ 23,7 отсто. Трифонов вчера објави дека ИТН ќе преземе одговорност за владата и ќе предложи независен кабинет, бидејќи партиите што протестираат немаат мнозинство заедно за да формираат коалициска влада. Тој го соопшти и предлог – кабинетот кој би го предводел Николај Василев како премиер.
За поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов ваквата изјава на Трифонов за малцинска влада значи дека тој не сака да формира влада, и дека тоа е „фрлање прашина во очите на луѓето“. На брифинг во седиштето на ГЕРБ, Борисов оцени дека тоа е игра на бугарскиот претседател Румен Радев, кој сака да владее со Бугарија.
Во новиот бугарски Парламент, според прелиминарните резултати, ќе влезат уште четири партии и коалиции. Според освоените гласови трета е коалицијата БСП за Бугарија со 13,5 проценти од гласовите, четврта е Демократска Бугарија со 12,6 отсто. Следат „Движењето за права и слободи“ и „Исправи се, мафијата надвор“.
Излезноста на предвремените парламентарни избори во Бугарија одржани во неделата, беше 42 отсто во споредба со 50 отсто во април на претходните парламентарни избори.
Се очекува Централната изборна комисија да ги соопшти конечните резултати од изборите.
Гласањето во Бугарија е второ за само три месеци, откако изборите во април резултираа со фрагментиран парламент, што не успеа да се договори за формирање влада.
Виолета Геров за МИА