Претседателот на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче – Караман, Илија Ико Каров најави дека на повидок е признавањето на Караманот од страна на светската кинолошка федерација.
-Го трчаме последниот круг од тој долг маратон – признавањето од страна на светската кинолошка федерација. На повидок несомнено е, но, не би откривал повеќе детали, но, сепак кога ќе влеземе во семејството на оние над триста признаени раси веќе самата иднина на караманот ги отвора хоризонтите кон нешто друго, нешто пошироко, нешто интернационално. Знаете префиксот македонско во никој случај не му е ставено од некои националистички побуди. Караманот е куче кое за брзо време ќе ги помине границите на Македонија, изјави Каров во Битуше, каде се одржа 10 -та изложба, односно 10. првенство на македонско овчарско куче Караман.
Се надеваме, додаде, дека набрзо ќе имаме карамани како во соседството, така и вон границите на Европа.
-Набрзо ќе имаме карамани во соседството и во Европа и на Далечниот Исток и Америка, клубови и одгледувачи кои ќе работат организирано во соработка со нас. Интересот и за сега е голем, има за сега едно куче во Италија, едно во Германија. Сепак политиката на клубот е таква во интерес на генофондот да останат што повеќе тука, до нивното признавање од кинолошката федерација, вели тој.
Според него, клубот за македонско овчарско куче Караман е формиран во 2004 година, но раните почетоци на клубот датираат од далечната 1998 година кога браќата Влатко и Марјан Костовски ги симнуваат првите карамани од македонските планини и со тоа започнува оној пионерски подвиг на она што се вика селективно одгледување.
-Мисијата на самиот клуб е зачувување на расата онаква каква што ја затекнавме. Знаеме дека планината со себе носи многу здрава селекција, но сепак имаше работи кои што организираното одгледување несомнено можеше да ги подобри во здравословен смер на кучињата. Караманот е старо нова раса. Најраните референци на расата се пронајдени уште во неолитот на овие простори, потоа следи средновековието, каде што се оние најконкретните на логотипот. Кучето кое што е издвоено на нашето лого всушност е детал од фреската рождество Христово во Курбиново од 1191 година. Македонското овчарско куче Караман се уште егзистира во етничките граници на Македонија, значи не само во географските. Значи се среќава на сите страни. Нам ни е многу драго што се повеќе и повеќе луѓе ни се јавуваат и ни се приклучуваат зад границата на денешна Македонија, така што несомнено е нешто што е поврзано со битот на Македонецот е нераздвојно нешто, посочува тој.
Според него, нашата историја е поврзана уште од многу одамна со сточарството и со земјоделството.
-Значи најраните референци за организирани сточарски населби тука се уште во праисторијата. Всушност овој сој егзогенетските фактори, почнуваат да го профилираат оној денешен и екстериерен и ентериерен тип кој што го препознаваме и го имаме, вели тој.