Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули синоќа го откри виновникот за загадувањето на воздухот во Скопје. Тоа се, според откритието на Макрадули, бадникарските огнови.
– Од вечерниве огнови може да заклучиме нешто. Очигледно не треба да се има дилема кој најмногу придонесува во создавањето на ПМ честичките. И каде треба да се бара решението. А тоа е замена на греењето со дрва и други додатоци во нив. Затоа брзо ќе отвориме повик за замена на греењето со дрва заедно со дефинирање на зони на ниска емисија, реагираше Макрадули на својот Фејсбук профил.
Тој објави графикони (ги пренесуваме под текстот) на загадувањето и „откри“ дека бадникарските огнови неколкукратно го зголемиле загадувањето на воздухот во Скопје, а повеќе од режимските медиуми побрзаа ова „големо откритие“ да му го сервираат на народот.
Како што може да се забележи, пишуваат поддржувачите на „откритието“, во 17 часот пред палењето на огновите, концентрацијата е речиси на нула, но во 22 часот таа достигнува од зелено, кон жолта или над максимално дозволената.
Наивно е да се тврди дека огнот кој гори на отворено, или во затворен простор, не го загадува воздухот со чад и честички, но ништо помалку не е наивно да се тврди дека коледарските огнови неколкукратно го загадиле воздухот во Скопје и во Македонија. Бидејќи, вчера (5 јануари), уште пред да се палат коледарските огнови, на пример, Струмица имаше четирипати повеќе ПМ 10 честички во воздухот и исто толку кога вечерта се палат коледарски огнови.
Во моментов (околу еден часот по полноќ) загаденоста на воздухот во Кавадарци е скоро 6 пати над дозволеното, во Битола повеќе од 5 пати, во центар речиси 4 пати итн.
Според теоријата на Макрадули за коледарските огнови, и според практиката на поддржувачите на неговото откритие, вечерва повеќе коледарски огнови имало во Тетово и Гостивар, каде ПМ 10 честичките се повеќе од двојно над дозволената граница, отколку во Кочани каде што е малку (66 мг/м3) над дозволеното.
Но, кога „авторитетите“ ќе кажат дека магарето лета, поддржувачите и пропагаторите гласно ќе потврдат: Да, лета, лета… Навистина не високо колку нилскиот коњ, ама и магарето лета!
А Макрадули нека продолжи со мерењата и графиконите. Граѓаните ќе веруваат дека коледарските огнови, кои се палат една вечер во годината, го загадуваат воздухот 365 дни.
И така ќе биде се додека некоја иновативна фирма не добие тендер, на пример од 90.000 евра, и не открие дека тие што треба да ги откриваат вистинските загадувачи ги загадуваат граѓаните со неточни, неиздржани и заведувачки информации.