Во овој момент нема потреба од рестрикции на вода, иако повеќето акумулации се соочуваат со недостиг на вода. Ова е сериозен предизвик што ќе постои во иднина, изјави денеска заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Она што треба да се направи во следниот период, според него, е да има само една институција што ќе се грижи за водите, а не како сега седум институции кои често си ја префрлаат одговорноста.
– Ова е сериозен предзвик што ќе постои. За жал, оваа зима немавме снег, повеќето акумулации се празни. Исклучително предизвикувачки ќе биде водоснабдувањето на земјоделските површини во одредени делови. Знам дека во Стрежево, исто така ситуацијата е критична, но се прават напори. Годинава нема потреба од рестрикции, но сметам дека во државава ни треба една институција што ќе се грижи за водите. За жал, во овој момент седум различни институции се одговорни и често доаѓа до префрлање на одговорноста и на крај никој не е одговорен, истакна Макрадули, одговарајќи на новинарски прашања.
За состојбата со Преспанското Езеро, Макрадули рече дека има работна група која работи и оти ситуацијата се контролира.