И денеска, кога загадувањето во Скопје и во другите градови низ Република Македонија е четири-пет пати повеќе над дозволеното ниво на ПМ 10 честички, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули работи на случајот за чист воздух.
Макрадули, како што објави на својот профил на Фејсбук, имал работен состанок со декани во Скопје.
– На денешниот работен состанок со деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна и деканот на Шумарскиот факултет, договорено беше во рамки на Планот за чист воздух, да се поддржи проектот „Зелен лист, воздух чист“, чија цел е зголемување на процентот на зеленило со плодородни дрвја- овошни урбани паркови и урбани градини, во градинките и основните училиштата, напиша Макрадули.
Откако Денот на дрвото беше укинат, како нефункционална режимска измислица, и со дрвја кои не беа родни, Макрадули објаснува дека овој нов проект има двојна функција:
– Овој проект има двојна функција и значење, како во однос на грижата и одговорноста кон животната средина, така и во однос на унапредување на воспитно – образовниот процес на нашите деца. Академската заедница има голем удел во справување со предизвиците за подобрување на квалитетот и заштита на животната средина, порача Макрадули преку неговиот статус на Фејсбук.
Денешната акција за чист ајро е таа. Сега ќе почекаме да раззелени лист и да дојде воздух чист.