За справување со еден од најголемите предизвици во Скопје, аерозагадувањето, потребен е инклузивен пристап и сите да се вклучат во планот за чист воздух што е донесен, бидејќи секој е важен и може да придонесе во таа борба, изјави денеска Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање.

-Уништивме премногу дрва, а иднината за децата треба поинаква да ја оставиме, рече Макрадули на промоцијата на иновативната платформа „Безбедна животна средина во локалната заедница-Take green action“ во општина Кисела Вода.

Градоначалникот на Општината, Филип Темелковски, посочи дека во изминатиот период заедно со Факултетот за земјоделски науки и храна, Кариерниот центар и ЕКО Волонтерскиот клуб Опитно поле и ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ потпишале меморандуми за соработка за безбедна животна средина.

-Како резултат на потпишаните меморандуми го организираме овој настан, со кој ги промовираме Иновативно-креативната платформа „Безбедна животна средина во локалната заедница“ и почетокот на кампањата Зелен лист- воздух чист, ајде да садиме здрава, зелена и органска иднина да градиме, појасни Темелковски.

Во ноември минатата година беше формирана иницијатива за поинтензивно реализирање на платформата Градиме здрава, зелена и органска иднина, што парцијално се спроведува од 2015 година.

Настанот беше заокружен со засадување на овошен парк во Еколошко едукативната градина на училиштето „Димитар Влахов“