Стево Пендаровски по билатералната средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера, на маргините на Парискиот мировен форум, порача дека се согласува со реформа на методологијата за претпристапните преговори, како што бара Париз.
Ова е една од пораките кои вчера шефот на македонската држава му ги пренел на Емануел Макрон.
Франција ги блокираше Северна Македонија и Албанија на последниот Европски Совет повикувајќи се на потребата да се смени претходно методологијата на преговорите, таа да стане реверзибилна и помалку бирократска.
-Нека ја менуваат како сакаат, ние стоиме зад принципот на реверзибилност. Дури во еден момент му реков дека и како полноправна членка кога би биле, да нѐ исклучите од членство во ЕУ, слободно направете го тоа, не ми е интерес мене да бидам членка таму, а да не бидам демократија, изјави претседателот Пендаровски за медиумите.
Според Пендаровски, Франција веќе поднела неформален предлог (нон-пејпер) до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, реформа која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Македонија и Албанија.
Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија, тврди Пендаровски.
-Тие имаат предложено „нон-пејпер“ до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец, два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март, изјави Стево Пендаровски по средбата со шефот на француската држава.
Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.
-Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ им треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методолгијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно“, му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.
Македонскиот претседател за време на средбата инсистирал на тоа дека Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, со што се согласил Емануел Макрон.
-Прецизно ми рече дека никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство, само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси а суштински неуспеси, рече Пендаровски.
Шефот на македонската држава и соопшти на јавноста и дека Емануел Макрон планира да ја посети Македонија во првите шест месеци од идната година.