Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека денеска организира уште една средба со претставници на „неколку европски и неевропски земји“ за Украина, по состанокот во понеделникот на кој присуствуваа мал број клучни земји, како и лидерите на Европската унија и НАТО.
Макрон во интервју за неколку француски регионални медиуми рече дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел „повторно да почне корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но Трамп повторно создава стратешка двосмисленост за Путин, предизвикувајќи несигурност што може да се искористи за да се изврши притисок“.
Францускиот претседател рече дека тој самиот е подготвен да разговара со Путин „кога ќе биде вистинското време во процесот на идните преговори“.
– Додека ви зборувам, Европа не е способна да ја обезбеди својата одбрана без САД. И тоа е повеќе така отколку од пред три години, но мораме да забрзаме и да се придвижиме многу брзо за да направиме нешто во рок од три до пет години. Приоритет на САД е Кина. Русија е егзистенцијална закана за Европа, изјави Макрон за регионалните медиуми, вклучувајќи ги Ла Депеш и Ле Паризиен.
Макрон рече дека Франција не се подготвува да испрати копнени сили на фронтот во Украина.
Меѓу решенијата за обезбедување безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот мировен договор со Москва, би било можно „да се испратат експерти или дури и сили во ограничен број кои би биле надвор од која било зона на конфликт“, рече Макрон, додавајќи дека тоа ќе ги смири Украинците.
Францускиот претседател додаде дека со Британците се разговара за договор за солидарност со Украина, што ќе овозможи испраќање експерти или ограничени сили.
Макрон ја спомена и можноста во рамките на преговорите, „да се одлучи да има мировна операција под мандат на ОН долж линијата на фронтот“.
Фото: Фејсбук на Макрон