Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека во следните недели или месеци има намера да ја посети Србија, каде што планира да ги финализира преговорите за воените договори, вклучително и договорот за продажба на авиони Рафал на Белград.

Како што пренесе Политика, Макрон рече дека имал исклучително плоден разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ за економски, одбранбени и енергетски прашања на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија.

– Воените прашања се дел од нашата агенда. Во наредните недели или месеци ќе ја посетам Србија за да ги финализирам тие дискусии кои се предмет на технички, финансиски и политички преговори меѓу нашите земји, одговори Макрон на прес-конференција коментирајќи го статусот на договорот со Белград за набавка на француски борбени авиони Рафал.

Францускиот претседател ги окарактеризира односите меѓу Париз и Белград како цврсти, чесни и структурни за двете земји и за целиот регион.

Фото: ЕПА архива