Знам дека станавте премиер пред само неколку недели, но дека односот на нашите земји е многу важен за вас, рече францускиот претседател Емануел Макрон во изјавата со која го пречека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Елисејската палата, јави дописникот на МИА.

– Кога Грција беше во криза, поддршката на Франција беше важна. Ова не ја одзема големата храброст што ја покажа грчкиот народ и нивната одлука да останат во еврозоната, додаде Макрон.

Францускиот претседател зборуваше за „долгото пријателство засновано врз културата“ и истакна дека Франција верува во обединет фронт на ниво на ЕУ за да се соочи со заедничките предизвици.

– За новата стратешка агенда за Европа ќе се расправа веднаш штом ќе се свика новата Европска комисија, рече тој, истакнувајќи дека нејзините приоритети треба да бидат растот, борбата против невработеноста и заедничкиот буџет на еврозоната.

Макрон истакна дека Франција сака да ја зајакне и одбраната.

Во однос на активностите на Турција во кипарската ексклузивна економска зона изрази солидарност и повика на поголема соработка за ова прашање.

Тој, исто така, го постави прашањето за климатските промени, осврнувајќи се на пожарите во Грција ова лето и рече дека „прашањето за климата ќе биде во првите планови“ во Европа.

Макрон го повтори задоволството од посетата на Мицотакис на Париз. – Моето пријателство со вашата земја и грчкиот народ е пријателство што е важно за Европа и за иднината на сите, рече Макрон.

Од своја страна, Мицотакис упати покана до француските претприемачи и инвеститори  да се приклучат на развојот на Грција.

Тој рече дека Европа треба да ги штити своите граѓани и го повтори барањето на претседателот Макрон да се воспостави постојан механизам за цивилна заштита во ЕУ.

– Франција е стабилен пријател на Грција.  Грција го повторува своето влијание во Европа, која останува наш природен дом, рече грчкиот премиер при пристигнувањето во Елисејската палата.