Претседателот на Франција Емануел Макрон даде драматично интервју за „Економист“, во кое изјави дека НАТО е на смрт, а Европа е на работ на бездна.
Во интервју за „Економист“, Макрон ги предупреди европските земји дека веќе не можат да се потпираат на САД, односно дека од Америка веќе не може да се очекува да ќе застане во одбрана на членките на НАТО.
„Мозочна смрт на НАТО“
„Она што во моментов го минуваме може да се опише како мозочна смрт на НАТО. Европа е на работ на бездна“, рече Макрон, додавајќи дека Европа мора да започне стратешки да размислува за себе како геополитичка сила. Во спротивно, Европа повеќе нема да ја контролира сопствената судбина, рече Макрон.
Макрон додаде дека досега Америка и Европа имале заеднички интереси и дека тој неуморно работел на одржување на добри односи со претседателот Доналд Трамп. Но, тој верува дека за прв пат Америка има претседател кој „не ја дели нашата идеја за европски проект“ и дека, дури и ако Трамп не победи на следните избори, историските текови го направиле своето и ги разделиле старите сојузници.