Претседателот на Франција Емануел Макрон повторно го назначи Себастијан Лекорну за премиер и го задолжи да формира нова влада, соопшти кабинетот на Макрон.

Новото назначување доаѓа откако Лекорну поднесе оставка на функцијата претходно оваа недела. Неговата непосредна задача ќе биде в понеделник да го достави буџетот до Парламентот.

„Ја прифаќам – по должност – мисијата што ми ја довери претседателот на Републиката да направам сè што е можно Франција до крајот на годината да добие буџет и да се позанимавам со секојдневните животни прашања на нашите сограѓани“, напиша Лекорни на платформата „Икс“.

Тој најави дека ќе се консултира со претставници на различни политички сили за да формира нова влада и додаде дека „мора да се стави крај на политичката криза која го нагризува францускиот народ и на нестабилноста штетна за имиџот на Франција и нејзините интереси“.

Со повторното назначување на Лекорну, Макрон ризикува незадоволство кај политичките ривали, кои тврдат дека најдобриот излез од најдлабоката политичка криза во земјата во последните неколку децении е Макрон да одржи вонредни парламентарни избори или да поднесе оставка.